Одржан првиот академски час на ФЕИТ во учебната 2023/2024 година

Објавено: октомври 2, 2023

„Студентите претставуваат еден од најважните сегменти на едно општество. Тоа вам ви дава огромна моќ, но истовремено ви носи и голема општествена одговорност и обврска да учествувате во создавање на социјалната структура, функционирањето и правилата на општествените текови. Обидете се овој статус да го искористите во позитивна насока и позитивно да влијаете на себе и на вашата околина. Секое ваше однесување, во која било сфера на секојдневието, треба гордо да го прикаже фактот дека сте студенти на УКИМ и на ФЕИТ!“, порача професор д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии кон идните академски граѓани.

На првиот академски час годинава, Атанасовски посака добредојде на 65-та генерација бруцоши. Вашиот избор, ФЕИТ значи дека сте го избрале единствениот факултет во нашата држава со меѓународно акредитирани студиски програми кои се препознаени од германското акредитациско тело ASII, дека ќе студирате на факултет со најголем број меѓународни проекти и дека вашите професори се во тек со најновите достигнувања во електротехниката и информациските технологии во светот и ќе ви ги пренесуваат тие знаења постојано и несебично.

Почнувајќи од денес, вие станувате членови на академската заедница и добивате ширум отворени врати во вашиот втор дом, ФЕИТ. Времето што ви претстои како студенти на ФЕИТ, ве уверувам дека ќе биде времето кое лично вам ќе ви остави најголем животен впечаток. Овде ќе стекнете извонредно знаење, неопходни професионални и лични вештини, но и ќе доживеете животни искуства и ќе оформите значајни врски кои ќе ви помогнат во трасирање на идниот пат во животот. Несомнено, без лажна скромност, вие го направивте вистинскиот избор со запишувањето на ФЕИТ“, рече Атанасовски.

ФЕИТ може да се пофали со преку 8.000 дипломирани инженери, над 800 магистри и над 120 доктори на наука кои давале и даваат придонес во развојот на општеството. Нивната стручна и научна подготвеност и вредностите кои тие ги носат во домашната и меѓународната економија се најголема потврда за квалитетот на ФЕИТ.

Никогаш немојте да заборавите дека ФЕИТ постои за вас и заради вас, студентите. Постои една мисла која многу јасно го опишува нашиот факултет, а тоа е „еднаш ФЕИТ, засекогаш ФЕИТ“. Се надевам дека и вие многу бргу ќе го стекнете ова чувство кое го живеат сите што биле или се дел од оваа институција и ќе ја продолжите убавата приказна поврзана со ФЕИТ“, заврши Атанасовски.

Горан Митрески, основач и генерален менаџер на Кабтел го раскажа своето искуство од академскиот живот на ФЕИТ. Тој им порача на студентите да бидат горди што ќе го завршат овој факултет. „Кога ја земав дипломата в рака мислев дека го имам целото знаење на овој свет. Но, сфатив дека допрва има уште многу да учам. Овде ќе слушнете многу, ќе научите многу, ќе научите каде да ги барате решенијата на проблемите и уште поважно, ќе научите како најлесно да доаѓате до решенија на предизвиците. Посакувам многу успех и многу дружба во вашата академска кариера“.

Од Факултетското студентско собрание добредојде на бруцошите им посака Емилија Митовска „Цврсто сум убедена дека ќе си поминете преубаво на факултетов како што си поминуваме сите ние и заедно ќе ги истуркаме сите математики, особено тие кои се маскирани во други предмети …, а тоа се сите предмети“, се пошегува Митовска.

Деканот Атанасовски додели стипендии на најдобри 10 средношколци од УКИМ, три стипендии од МАКО-СИГРЕ, шест стипендии од Агенцијата за електронски комуникации и десет стипендии на добитници на дипломи за освоено прво место на државен натпревар.