Наставниот кадар на ФЕИТ од Институтот за компјутерски технологии и инженерство (КТИ), во соработка со средните училишта „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Никола Карев“ и „Орце Николов“ од Скопје, на 27.04.2026 година организираше и успешно реализираше работилница во лабораторијата за производство – ФЕИТ ФАБЛАБ, на тема: „Како учат компјутерите? Едукативна работилница за вештачка интелигенција и машинско учење“.

Настанот го отвори деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски. Работилницата ја одржаа вонр. проф. д-р Данијела Ефнушева и м-р Емилија Кижевска, асистент на Катедрата при КТИ, со активно учество на студентите од трета и четврта година од КТИ.

На настанот беше презентиран начинот на кој компјутерите извлекуваат заклучоци од податоци, основните принципи на машинското учење (Machine Learning), како и процесот на развивање предиктивен модел — почнувајќи од собирање податоци и разбирање на проблемот, па сè до примената на вештачката интелигенција во секојдневниот живот. Дополнително, беа претставени и практични примери за препознавање обрасци и носење одлуки.

Работилницата значајно придонесе кон зголемување на интересот кај учениците за компјутерските науки и инженерството, овозможувајќи им подобро да ги согледаат можностите и предизвиците што ги нуди оваа област.
Со ваквите активности, ФЕИТ континуирано придонесува кон поттикнување на интересот кај младите за техничките науки и нивно насочување кон идни академски и професионални кариери.

