Почна меѓународниот натпревар по роботика – Робомак 2020

Објавено: март 9, 2020

На нашиот факултет, денеска, почна меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција RoboMac 2020. Оваа година, студентите од Македонија и други држави, во наредните пет дена, ќе ги измерат своите сили во знаењето на роботиката и вештачката интелигенција.

За продеканката на ФЕИТ, професор д-р Соња Геговска Зајкова, во наредните неколку дена, „ФЕИТ ќе биде место каде што шеесетина студенти – натпреварувачи, од кои дел се гости од Србија и Грција, ќе имаат можност, следејќи ги предавањата на познати стручњаци, да се стекнат со нови теоретски знаења од областа на роботиката, електрониката и вештачкатa интелигенција. Следејќи ги минатогодишните искуства,  и годинава, во неделата на роботиката ќе ги вклучуваме средношколците“.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски потенцираше дека RoboMac веќе е препознатлив настан не само за Факултетот за електротехника и информациски технологии, туку и за нашата држава.

„Тоа што се одржува 10 години по ред е само потврда за големиот интерес и резултатите кои произлегуваат од тука… За многу од вас, кои сте последна година на студии, можеби ова ќе биде и последен ваков настан на факултетот и веќе размислувате за тоа каде понатаму. Предизвикот со кој ќе се соочите кога ќе завршите со студии, ќе биде дали да заминете надвор од државата и своето знаење да го аплицирате во некоја европска или светска метропола или да останете тука. Можностите што ви ги дава овој факултет се големи и знам дека многу врати веќе ви се отворени. Но, ве уверувам и апелирам до вас дека најдобро е прво пробате да успеете тука. Наша цел како МИОА и како Влада, е да направиме се што е во наша моќ да ги обезбедиме сите предуслови, за да го направите вистинскиот избор и да не заминете“, рече министерот Манчевски.

Професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, е горд „што нашата држава, конкретно нашиот високо-образовен систем и уште поконкретно, нашиот Универзитет образува инвентивни студенти, млади личности – ентузијасти кои на светската јавност им ги презентираат нашите достигнувања во роботиката. Исто така, горд сум што тие ги доближуваат технолошките достигнувања пред нас и создаваат роботи со вештачка интелигенција или машини кои размислуваат. Овие млади личности се граѓани на светот“.

RoboMac 2020 го организираат студентите од IEEE Студентска гранка при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со цел да се популаризираат роботиката и вештачката интелигенција меѓу студентите и младите во Република Северна Македонија и соседните региони. Студентите, преку работилници и предавања, стекнуваат знаење и искуство во  работа во тимови. Победниците, секоја година, добиваат медали и сертификати. Студентите ќе се натпреваруваат во шест различни категории Self-racing cars, Maze, Sumo, Machine Learning, Sphero, Line Follower.

Завршниот настан на оваа неколкудневна манифестација ќе се случи на 14.03.2020 година (сабота) со почеток во 18 часот во Домот на АРМ.