ФЕИТ потпиша Меморандум за соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје со кој се утврдува рамката во која се реализира соработката помеѓу двете институции за спроведување истражувачки, образовни и апликативни активности и проекти од заеднички интерес, заснована врз искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и на просторните капацитети на потписниците.
Предмет на соработката, која ја негуваат Факултетот и Институтот, е истражување, зачувување и промоција на македонскиот јазик преку примена на електротехниката и на информациските технологии. Таа вклучува создавање, процесирање и анализа на јазични и на говорни корпуси, развој на дигитални платформи и ресурси, проекти за дигитализација на македонскиот јазик, како и изработка на терминолошки лексикони. Соработката вклучува и организирање заеднички работилници, конференции, семинари и обуки за студенти, истражувачи и за професионалци, како и креирање заеднички образовни програми за обука и за развој на кадри.