Во рамките на своето покането предавање на Шестата меѓународна конференција за асистивни технологии и комуникации – ASTEK 2024, која се одржа во Белград, на 15 ноември 2024, проф. д-р Бранислав Геразов ја претстави долгогодишната успешна соработка на ФЕИТ со Здружението за асистивни технологии „Отворете ги прозорците“ на дизајнот и изработката на асистивни технологии. Пред присутните дефектолози и специјални едукатори од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, тој ги претстави мноштвото студентски проекти кои низ годините ги изработија дипломците и магистранти на ФЕИТ од областа на асистивните технологии.
Посебен осврт беше направен на реализацијата на алатката за Аугментирана и асистивна комуникација (ААК) Говорко и локализацијата на Сиборд, изработката на гласот за синтеза на македонски Сузе и Асистивната тастатура изработена во рамки на програмата за мултидисциплинарни студентски иновации INNO-SAE 2023.
Во рамки на настанот, проф. Геразов зема учество во трибината „Предизвици и можности за користење на асистивна технологија во образованието и рехабилитацијата“ во која зборуваше за потенцијалот на вклучување на асистивните технологии и универзалниот дизајн во образовниот процес во високото образование на техничките факултети, големото значење на соработката во овој домен со организации кои директно работат со луѓето со попреченост, како и за предизвиците во изработката на асистивни уреди и апликации кои можат реално да се употребуваат од крајните корисници.