Со особено задоволство го означивме почетокот на академската година за бруцошите на ФЕИТ. По одржаниот прв академски час на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, новите студенти ги пречекавме и во просториите на ФЕИТ.
Во името на наставниот кадар на ФЕИТ, продеканката за настава, проф. Марија Календар, им посака добредојде на генерацијата студенти која го започнува својот академски пат во 65-тата, јубилејна година од формирањето на ФЕИТ. Во нејзиното обраќање таа истакна: „Како што наскоро ќе се уверите, студентските години се еден од најинтересните периоди во животот. Самостојно треба да го организирате своето време, редовно да ја следите наставата и вредно да ги завршувате своите обврски. Уште од почеток бидете свесни дека Ве чека напорна работа. Но, само така ќе може да ја постигнете својата цел – да станете инженер во денешното време на возбудливи технолошки предизвици за кои токму ФЕИТ ќе Ве подготви.“
Деканот на ФЕИТ, проф. Атанасовски, на новите студенти на ФЕИТ им се обрати со порака храбро да го прифатат новиот животен предизвик, станувајќи дел од светот на технологијата кој постојано се менува. „Како што ќе се движите низ предизвиците на студиите, ќе наидете на моменти на сомнеж, можеби дури и тешкотии, но запомнете дека секоја пречка е можност за напредок. Во светот на технологијата нема простор за стагнација – секогаш ќе има нешто ново да се научи и истражи. Вие ќе бидете дел од тој напредок. Искористете ги сите ресурси кои ги нуди нашиот факултет – лаборатории, библиотеки, дискусии со професори и вашите колеги. Оваа заедница е тука да ве поддржи, а успехот на секој од вас е успех за сите нас. Ве охрабрувам да бидете иновативни и да не се плашите да го следите својот пат, бидејќи токму вие ќе бидете оние кои ќе го движат општеството напред во иднината. Не се плашете од интердисциплинарноста, напротив прифатете ја сесрдно.“ истакна деканот на ФЕИТ.
На првиот час беа доделени стипендии од ФЕИТ на тројца студенти кои освоиле награди на државни и меѓународни натпревари. Покрај тоа, инженерското здружение МАКО СИГРЕ додели стипендии на тројца студенти запишани на електроенергетските студиски програми со највисок број на освоени поени од средното образование.
Посакуваме успешна академска година на студентите и наставниот кадар на ФЕИТ.