Работилница за Кибер Отпорност

Објавено: април 5, 2024

Во организација на Народната банка, на 03.04.2024 година се одржа работилница на тема „КИБЕР ОТПОРНОСТ: Примена на новите технологии, предизвици и можности за поефикасна заштита на корисниците на платежните услуги“, на која свои видувања изнесоа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, проф. Александар Ристески од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Горан Јанкоски, главен супервизор за информативните  системи во Народната банка, Игор Давчевски, член на Управниот одбор на НЛБ Банка и Кирил Бухов, директор на секторот за информатички технологии во Халк Банка. На работилницата учествуваа претставници од деловните банки и Народната банка. Повеќе за настанот може да се види на https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-04042024.nspx .

Посебно внимание се обрна на улогата на вештачката интелигенција во јакнењето на кибер отпорноста. Проф. Ристески истакна: „Вештачката интелигенција интензивно се развива и наоѓа широка примена не само во науката и новите технологии, туку и воопшто во економијата и општеството, вклучувајќи ја и платежната област. Како и секоја друга технологија, таа е подеднакво достапна за банките и за корисниците на нивните услуги, но, за жал и за злонамерните субјекти при планирање и изведување на нивните активности“. Тој укажа и на значењето на јакнењето на општата свест и едукацијата за кибер заканите, а со тоа и на подобрувањето на сигурноста при користењето на платежните услуги.

Покрај тематските содржини на работилницата, од учесниците беше истакната потребата од квалитетна едукација и квалитетен кадар од областа на кибер безбедноста, какви што ФЕИТ создава со децении. Меѓу големиот број на дипломирани инженери од ФЕИТ кои работат во банкарскиот сектор и во областа на кибер безбедноста, и учесниците на работилницата Горан Јанкоски, Игор Давчевски и Кирил Бухов се дел од алумни семејството на ФЕИТ.

Искажуваме благодарност до Народната банка и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска за поканата и организацијата на работилницата, како и до сите други учесници за плодната дискусија и споделените искуства. ФЕИТ останува отворен за соработка со сите компании и институции во областите кои се негуваат на Факултетот.