Серија предавања од областа на невронауката и биомедицинското инженерство на ФЕИТ

Објавено: мај 18, 2026

Во Лабораторијата за електроника на ФЕИТ, на 21 април 2026 година во рамки на наставните активности по предметот [Биомедицинска електроника] (https://gitlab.com/feeit-freecourseware/biomedical-electronics), се одржа серија предавања за најновите достигнувања во областа на невронауката и биомедицинското инженерство. Настанот понуди уникатен спој на теоретски и практични согледувања за примената на современите инженерски методи во дијагностиката и третманот на комплексни невролошки и психијатриски состојби.

Прво беше излагањето на проф. д-р Силвана Марковска-Симоска од Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), која говореше за Електроенцефалографските (ЕЕГ) профили кај деца со аутистичен спектар на нарушувања. Таа пред присутните ги образложи методите за спектрална анализа на ЕЕГ сигналите и потенцијалот на овие мерења да служат како клинички биомаркери за рана дијагноза и следење на терапијата.

Во продолжение, д-р Спасе Петковски од Институтот за системски невронауки во Марсеј ја презентираше темата за градење на дигитален близнак на човековиот мозок. Тој појасни како биолошки интерпретабилните модели на мозочните мрежи овозможуваат попрецизно истражување на механизмите на невродегенерацијата, со што се отвораат нови можности за примена на овие технологии во клиничката дијагностика и терапија.

Серијата предавања ја заокружи м-р Даниела Јанева, исто така од Институтот во Марсеј и поранешен студент на ФЕИТ, која се фокусираше на решавање на мистериите на шизофренијата. Преку анализа на снимки од различни модалитети и примена на методи за ненадгледувано учење, таа ги презентираше начините за идентификување на клинички подтипови на болеста, што е клучен чекор кон креирање на индивидуализирани стратегии за лекување.

Серијата предавања беа поддржани од [ФЕИТ ФабЛаб] (https://fablab.feit.ukim.edu.mk/) и македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC), како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ (LM80077).