Денес, во Скопје, по повод 17 мај – Светскиот ден на телекомуникациите, Македонски Телеком и ФЕИТ објавија партнерство за тестирање на 5G технологија.
Според деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, оваа соработка е потврда на досегашните залагања на Факултетот за континуирана соработка со стопанството, што ќе овозможи студентите да реализираат пракса и да работат на своите дипломски или магистерски трудови во оваа лабороторијата. Во своето обраќање, Ташковски потенцираше дека ФЕИТ е еден од најуспешните факултети во државата кои подготвуават квалитетен студентски кадар за потребите на стопанството и индустријата.
Македонски Телеком ќе инсталира 5G опрема и уреди за тестирање со што ќе им овозможи на студентите и професорите први да работат на функционалностите на овој нов технолошки стандард. Добиените резултати ќе се користат за научни цели и унапредувања на услугите кои во иднина ќе им бидат достапни на корисниците.
Тестирањата ќе се прават на новата опрема од Македонски Телеком и во
новата „5G Evolution Laboratory“ во рамки на Лабораторијата за
безжични и мобилни мрежи, која припаѓа на Институтот за телекомуникации
на ФЕИТ.
„Нашите професори и студенти повеќепати се наградувани со
престижни признанија за проекти што се развивале во постојната
лабораторија. Отсега, со новата 5Ge опрема и уреди, во новоформираната
лабораторија ќе ја имаме првата и единствена можност во земјава за
тестирање, експериментирање и проучување на реални сценарија поврзани
со идните технологии. Реалното тестирање на оваа технологија ќе им даде
голема предност на нашите професори, соработници и студенти и сигурна
сум дека ќе продуцира нови решенија и иновации“, изјави Лилјана
Гавриловска, редовен професор на ФЕИТ.
5G или мрежата на петтата генерација во наредните години не само што ќе донесе огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и комуникација во реално време, туку целосно ќе го смени начинот на којшто функционира нашето општество.