Тестирање на 5G технологија – партнерство на Македонски Телеком и ФЕИТ

Последна измена: мај 18, 2019

Денес, во Скопје, по повод 17 мај – Светскиот ден на телекомуникациите, Македонски Телеком и ФЕИТ објавија партнерство за тестирање на 5G технологија.

Според деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, оваа соработка е потврда на досегашните залагања на Факултетот за континуирана соработка со стопанството, што ќе овозможи студентите да реализираат пракса и да работат на своите дипломски или магистерски трудови во оваа лабороторијата. Во своето обраќање, Ташковски потенцираше дека ФЕИТ е еден од најуспешните факултети во државата кои подготвуават квалитетен студентски кадар за потребите на стопанството и индустријата.

Македонски Телеком ќе инсталира 5G опрема и уреди за тестирање со што ќе им овозможи на студентите и професорите први да работат на функционалностите на овој нов технолошки стандард. Добиените резултати ќе се користат за научни цели и унапредувања на услугите кои во иднина ќе им бидат достапни на корисниците.

Тестирањата ќе се прават на новата опрема од Македонски Телеком и во новата „5G Evolution Laboratory“ во рамки на Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи, која припаѓа на Институтот за телекомуникации на ФЕИТ.
„Нашите професори и студенти повеќепати се наградувани со престижни признанија за проекти што се развивале во постојната лабораторија. Отсега, со новата 5Ge опрема и уреди, во новоформираната лабораторија ќе ја имаме првата и единствена можност во земјава за тестирање, експериментирање и проучување на реални сценарија поврзани со идните технологии. Реалното тестирање на оваа технологија ќе им даде голема предност на нашите професори, соработници и студенти и сигурна сум дека ќе продуцира нови решенија и иновации“, изјави Лилјана Гавриловска, редовен професор на ФЕИТ.

5G или мрежата на петтата генерација во наредните години не само што ќе донесе огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и комуникација во реално време, туку целосно ќе го смени начинот на којшто функционира нашето општество.