Студенти од ФЕИТ победници на светското финале во процесирање сигнали

Објавено: јуни 9, 2023

Тимот „Neuro FEEIT”, составен од студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии, освои прво место на светското финале на студентското финале за процесирање сигнали IEEE SP Cup 2023.

Задачата оваа година беше развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување (rsfMRI). Финалето на натпреварот се одржа на 5ти јуни 2023 во Родос, Грција, во рамки на најголемата светска конференција од областа на процесирање на сигнали ICASSP 2023.

Натпреварот е организиран од одделот за процесирање сигнали IEEE SPS и Центарот за истражувања во невровизуелизација и наука за податоци TReNDS при Институтот за технологија на Џорџија, САД.Тимот беше воден од магистрантката Даниела Јанева, а во него учествуваа додипломците: Стефан Крстески, Матеа Ташковска, Ана Крстевска, Ангела Мешкова, Душан Мерџановски, Марио Величковски и Марко Палоски. „Посветивме многу време за решавање на проблемот. Дополнителен предизвик беше интердисциплинарната област на предизвикот која е нова и тековно се истражува. Покрај големата конкуренција, успеавме да најдеме решение кое ни го донесе првото место“, вели Јанева.

Ментор на тимот беше вон. проф. д-р Бранислав Геразов. Тие во глобална конкуренција во првата фаза беа прво пласирани од трите тима селектирани за учество во финалето според рангирањето на платформата Kaggle. Второто и третото место ги освоија тимови од Универзитетот за инженерство и технологија на Бангладеш и Институтот за технологија на Израел.

„Оваа победа претставува големо постигнување за нашите студенти и за нас како факултет и универзитет. Студентите го докажаа своето знаење и способности во конкуренција од преку 40 тимови од целиот свет. Со тоа, уште еднаш го потврдија квалитетот на образовниот процес кој се негува на ФЕИТ и УКИМ“, вели професор Геразов од ФЕИТ.