Свечено отворен првиот европски дигитален иновациски хаб – ИНОФЕИТ ЕДИХ

Објавено: февруари 4, 2025

Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ), заедно со уште 10 партнери од државата, го отвори првиот европски дигитален иновациски хаб – ИНОФЕИТ ЕДИХ. Со ова, С. Македонија станува дел од европската мрежа на дигитални иновациски хабови, создавајќи нови можности за компаниите, јавните институции и истражувачките организации за поддршка на нивната дигитална трансформација.

На отворањето се обратија проф. д-р Димитар Ташковски, раководител на ИНОФЕИТ, проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на УКИМ, проф. д-р Весна Јаневска, министер за образование и наука и г. Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација. Тие истакнаа дека овој центар претставува кулминацијата на заложбите на ФЕИТ за промоција на иновациите, дигиталната трансформација и соработката меѓу академијата, индустријата и општеството, симбол на потенцијалот на УКИМ и на С. Македонија да одржат чекор со глобалните текови, да се воведат дигитални и зелени иновации, како и да се создаде иднина која ќе биде одржлива, конкурентна и хумана. ИНОФЕИТ ЕДИХ е мост кој ги поврзува најновите технолошки достигнувања со реалните потреби на нашите компании, особено малите и средните претпријатија, како и јавниот сектор. Преку програми за обука, менторство и пристап до најсовремена технологија, ќе создаде нова генерација на дигитални професионалци подготвени за предизвиците на 21-виот век. Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, истакна дека Министерството го препозна значењето на ИНОФЕИТ ЕДИХ, којшто истовремено е дел и од Реформската агенда 2024-2027, и затоа обезбеди ко-финансирање на половина од потребните средствата за негово отворање. Честитајќи им на упорноста и ангажманот на сите кои беа вклучени, а особено на професорите Ташковски и Атанасовски да го направат функционален овој центар, министерката изрази очекување македонскиот хаб многу скоро да се најде на листата наградени од ЕДИХ мрежата.

Во вториот дел од свеченото отворање се одржа панел дискусија на тема „Улогата на ЕДИХ-овите во дигиталната трансформација на општеството“. Модериран од страна на проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ, а со учество на министрите за дигитална трансформација и образование и наука, проф. Орце Симов, потпретседател на Сојуз на стопански комори, проф. Сашо Коцески, декан на Факултет за информатика при УГД – Штип и г. Слободан Јовановски, генерален директор на Контрон Македонија, панелот отвори широка дискусија за значењето и улогата на ЕДИХ-овите за дигиталната трансформација, за потребата од вмрежување и соработка, за очекувањата од страна на сите чинители во четворниот хеликс како и за силната поддршка од страна на државата.

ИНОФЕИТ ЕДИХ е првиот европски дигитален иновациски хаб во С. Македонија, ко-финансиран од страна на ЕУ и македонската влада. Како проект, започна на 1.01.2025 и ќе трае 4 години со вкупен буџет од 2 милиони евра. Обединува три јавни универзитети и Воената академија, две бизнис комори, четири компании, а е предводен од ИНОФЕИТ кој е веќе докажан лидер во македонскиот иновациски екосистем.