Тимот студенти на ФЕИТ првопласиран за светското финале на IEEE SPS Cup 2023

Објавено: април 18, 2023

Тимот „Neuro FEEIT” составен од студенти на ФЕИТ e првопласиран на светското финале на студентскиот куп за процесирање на сигнали IEEE SPS Cup 2023. Натпреварот е организиран од одделот за процесирање на сигнали IEEE SPS и Центарот за истражувања во невровизуелизација и наука за податоци (TReNDS) при Институтот за технологија на Џорџија, САД. Задачата оваа година е развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување (rsfMRI). Финалето на натпреварот ќе се одржи на 5 јуни 2023 во Родос, Грција, во рамките на најголемата светска конференција од областа на процесирање на сигнали ICASSP 2023.

Тимот беше воден од магистрантката Даниела Јанева, а во него учествуваа додипломците: Матеа Ташковска, Стефан Крстески, Ана Крстевска, Ангела Мешкова, Душан Мерџановски, Марио Величковски и Марко Палоски. Ментор на тимот беше вон. проф. д-р Бранислав Геразов. Тие во глобална конкуренција се прво пласирани на престојното финале според рангирањето на платформата Kaggle. Второ и трето пласираните тимови со кои ќе се натпреварува тимот на ФЕИТ се од Универзитетот за инженерство и технологија на Бангладеш и Институтот за технологија на Израел.