На 5-ти март, во просториите на ИНОФЕИТ, се одржа првата тематска тркалезна маса за размена на искуства во електроенергетскиот домен помеѓу релевантни чинители од Македонија и Романија. Учествуваа академски претставници од ФЕИТ и Универзитетот во Констанца, претставници на бизнис секторот, транспортни оператори како и регулатори. Романија, како членка на ЕУ, ги сподели своите искуства околу развојот на електроенергетскиот систем и интеграцијата на обновливите извори на енергија. Беше развиена интензивна дискусија околу тековните предизвици и можностите за нивно заедничко надминување во иднина. Тркалезната маса беше поддржана и од Амбасадата на Република Романија во Македонија преку присуство на амбасадорката и нејзината заменичка.
На маргините на тркалезната маса се остварија и средби помеѓу претставници на УКИМ (проректорот за меѓународна соработка, проф. Александар Скепаровски) и Универзитетот во Констанца и романскиот CITYINNOHUB и INNOFEIT EDIH. Средбите резултираа во потпишување договори односно меморандуми за соработка и разбирање меѓу засегнатите чинители.


