ФЕИТ ФабЛаб и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците” го организираа настанот „Универзален дизајн, пристапност и асистивна технологија” кој се одржа на 22. 2. 2024 во ИНОФЕИТ. Во рамките на настанот свои излагања имаа низа говорници од Здружението, како и професори и студенти на ФЕИТ.
Во своето излагање „Асистивна тастатура – од дизајн до реалност“, Мартин Милановски, студент на ФЕИТ и Данче Тодоровска од Отворете ги прозорците ја претставија Асистивната тастатура реализирана од тимот на студенти на ФЕИТ. Дел од тимот беа и Владимир Китановски и Марко Зајков, а ментор на тимот беше асистентот Никола Јовановски од Институтот за електроника. Тастатурата беше изработена во рамки на програмата за мултидисциплинарни студентски иновации INNO-SAE 2023.
За асистивната технологија и Универзалниот дизајн зборуваше Тони Бачваровски, ко-основач на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Според него, универзалниот дизајн е особено важен во креирање на производите, бидејќи само на тој начин алатките можат да бидат пристапни и корисни за најширок спектар луѓе, без разлика на нивната старост, возраст, способност или попреченост.
Маргарита Гулевска ја презентираше примената на асистивната технологија во Македонија и се осврна на работата на здружението „Отворете ги прозорците“, формирано во 2005 година и насочено кон активна примена, промоција и воведување на асистивната технологија во предучилишното и основното образование. Таа истакна дека импровизацијата и прилагодувањето на ресурсите се клучни, бидејќи специјализираните производи се достапни само надвор од државата и се со многу висока цена. Според Гулевска, соработката со Факултетот за електротехника и информациски технологии може да донесе добри производи од кои едни ќе учат, а други ќе имаат корист.
За важноста на дигиталната инклузија зборуваше Кристијан Лазарев, кој говореше за начинот на кој луѓето со попреченост ја користат технологијата. Низ практична демонстрација учесниците на настанот можеа да посведочат како читачите на екран и синтезата на говор можат заедно да овозможат употреба на мобилен телефон и пристап до онлајн содржини како YouTube. Дополнително, беа демонстрирани и дигитални интерфејси кои работат со Брајово писмо. На крајот, Лазаров даде препораки за вградување на инклузивноста во развојот на софтверските системи и апликации.
ФЕИТ негува области кои се клучни во дизајнот и реализацијата на асистивните уреди: електротехника, електроника, сензори, микроконтролери, биомедицински сигнали, говор, слика, и софтверски алатки и системи. Професорот Бранислав Геразов презентираше дел од проектите кои студентите на ФЕИТ ги реализирале во долгогодишната соработка со Отворете ги прозорците во доменот на асистивните технологии. Меѓу нив беа прототип системи за детекција на препреки за слепи лица, контрола на количка со поглед, синтеза на знаковен јазик од влезен текст, како и апликацијата за асистивна комуникација Говорко. Со поддршка на УНИЦЕФ, Групата за говорни технологии на ФЕИТ учествуваше во локализација на комуникаторот Сиборд на македонски, за чија цел разви нов глас за синтеза на говор на македонски – Сузе .
Настанот беше поддржан и од македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата, здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола, студентските оддели, како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ.