Успешна интеграција на IoT SOLTRACK – преклоплив, пренослив и автономен фотоволтаичен генератор со паметен систем за следење на сонцето

Последна измена: ноември 29, 2023

Во периодот од април до декември 2023 година, тимот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) беше одговорен за развој на паметен систем за следење на сонцето и негова интеграција со преносливиот фотоволтаичен генератор на Центарот на иновации во Ниш. После повеќемесечен развој, претставниците на ФЕИТ ја комплетираа интеграцијата на системот на 24.11.2023 година, за време на работна посета во Ниш, каде системот беше пуштен во употреба. 

Овие активности се дел од експериментот IoT SOLTRACK, каде ФЕИТ, заедно со Центарот на иновации во Ниш и компанијата Алфаклима работеа на развој на преклоплив, пренослив и автономен фотоволтаичен генератор со систем за следење на сонцето базиран на Интернет на нешта. IoT SOLTRACK е финансиран преку третиот повик за експерименти на SMART4ALL – проект поддржан од програмата за истражување и иновации H2020, кој има за цел да ги подобри капацитетите за прекуграничен и меѓу-секторски пренос на знаење и технологија меѓу академскиот сектор и индустријата.

Се проценува дека производот има потенцијална примена во земјоделскиот сектор, во рурални неелектрифицирани области, но и како мобилно напојување при вонредни состојби.