Успешна реализација на проектот „Паметно интегрирање на електрични возила во енергетски заедници“ финансиран од УКИМ

Последна измена: јануари 31, 2024

Во декември 2023 година заврши реализација на проектот „Паметно интегрирање на електрични возила во енергетски заедници“, финансиран од УКИМ (NIP.UKIM.22-23.12). Проектот имаше за цел да предложи праведно решение за споделување енергија преку паметно полнење на електрични возила, кое ќе ги мотивира граѓаните да формираат енергетски заедници и кое ќе им гарантира праведност.

Клучните резултати од проектот:

  • Развиен е математички праведен, пресметковно-ефикасен метод за споделување енергија во енергетски заедници;
  • Преку симулации развиениот метод е тестиран во хипотетички енергетски заедници во различни Европски земји;
  • Добиените резултати се објавени во списанија со фактор на влијание и презентирани се на меѓународни и национални конференции и семинари;
  • Составен е извештај со преглед на најдобри практики поврзани со споделување енергија преку паметно полнење на електрични возила;

Финансирањето на овој предлог-проект му овозможи на проектниот тим (доц. д-р Владимир Ѓоргиевски – координатор, проф. Снежана Чундева, доц. д-р Благоја Марковски, асист. м-р Бодан Велковски и Ангела Мешкова) да ја прошири и продлабочи својата научно-истражувачка работа, притоа давајќи придонес кон новите развојни насоки за демократизација на енергетскиот сектор. Покрај тоа, ова истражување придонесе и за подобро разбирање на предизвиците и можностите што електрификацијата на транспортот ги наметнува врз различни чинители, што е клучен чекор за постигнување на целите за енергија и клима дефинирани во националните стратешки документи. Важна цел на проектот е и воведување на млади истражувачи во актуелни области на научно истражување.