Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – СкопјеФакултет за електротехника и информациски технологии |
АД ЕСМ РАСПИШУВА КОНКУРС ЗА СТИПЕНДИРАЊЕ НА СТУДЕНТИ ОД ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКИТЕ СТУДИСКИ ПРОГРАМИ
Како општествено-одговорна компанија што континуирано ги поддржува студентите на електроенергетските студиски програми, АД ЕСМ и оваа година доделува 5. стипендии за студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Стипендијата е во висина од 8.000,00 денари месечно и важи за една студиска година (10 месеци) со можност за продолжување или прекинување во зависност од исполнување на обврските пропишани во Договорот за стипендирање. Студентот е потребно студиската година да ја заврши во предвидениот рок за редовно студирање и со просек не помал од 8.00.
Услови за пријавување на конкурсот за стипендија се:
- Студентите да се редовно запишани на прв циклус студии по прв пат, во прв или трет семестар во учебната 2023/2024 година на една од следните студиски програми: Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија (ЕАОИЕ), Електроенергетски системи (ЕЕС) и Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ).
- Студентот кој аплицира за стипендија да не е корисник на стипендија или кредит од други установи, институции или компании.
- Просекот на студентот до датумот на аплицирање да е најмалку 8.00.
- Студентот да е државјанин на Република Северна Македонија.
Дополнително објаснување: Потенцијалните стипендисти немаат обврски кон компанијата од каде што ќе ја земат стипендијата, во смисла на тоа да се задолжени да работат во таа компанија (ниту во текот на студирањето, ниту по завршување на студиите), ниту пак се задолжени да извршуваат практична настава или друг вид ангажман, освен на доброволна основа.
Потребни документи за пријавување за добивање стипендија:
- потврда за редовно запишан студент во тековната академска година;
- уверение за положени испити и реализирани кредити (до датумот на пријавување);
- копија од диплома за завршено средно образование;
- копии од дипломи за освоено прво, второ или трето место на домашни или на меѓународни натпревари, освоени за време на средното образование;
- копии од дипломи за посета на курсеви и други дополнителни обуки;
- изјава дека не сте корисник на стипендија или на кредит од друга установа, институција или компанија, потпишана и од солидарен гарант;
- работен однос и личен доход на солидарен гарант-потписник;
- мотивациско писмо;
- пополнета Апликација за стипендија.
Изборот и селекцијата на кандидатите го врши Комисија за стипендирање составена од 4 (четири) члена и тоа: 3 (три) претставници од АД ЕСМ и 1 (еден) претставник од ФЕИТ-Скопје.
Начин и рок за пријавување:
Уредно пополнетата апликација / прашалник заедно со сите документи наведени во Конкурсот треба да се достави во Студентската служба на ФЕИТ секој работен ден од 10:00 до 15:00 часот во периодот од 4.12.2024 до 20.12.2024.