Заверката на зимскиот семестар, како и запишувањето на летниот семестар во учебната 2021/2022 година за студентите запишани на прв циклус студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, ќе ги содржи следниве чекори:
- Електронско пријавување од 2.2 до 15.2.2022 година
Во системот iKnow www.iknow.ukim.edu.mk секој студент треба да го запише летниот семетар 2021/2022 и да ги избере соодветните предмети.
2. Резервирање термин за доставување на документите од 1.2 до 18.2.2022 година
На порталот е-Курсеви, во Виртуелни училници, во курсот Студентска служба/Запишување летен семестар 2021/2022, креирана е активност Закажување термин (упатство за користење на активноста), преку која секој студент задолжително треба да избере термин помеѓу 12:00 и 15:00 часот, во еден од трите дена наведени во табелата дадена подолу, согласно годината во која ги започнал студиите. Во овој термин студентот ќе може да ги достави комплетните документи на шалтерите на Одделението за студентски прашања.
Почетна година на студирање |
Денови во кои може да се резервира термин |
||
2021 | 7.2.2022 | 8.2.2022 | 9.2.2022 |
2020 | 9.2.2022 | 10.2.2022 | 11.2.2022 |
2019 | 10.2.2022 | 11.2.2022 | 14.2.2022 |
2018 | 14.2.2022 | 15.2.2022 | 16.2.2022 |
2017 и порано | 16.2.2022 | 17.2.2022 | 18.2.2022 |
3. Доставување на документите од 7.2 до 18.2.2022 година
Комплетните документи студентот ги доставува на шалтерите на Одделението за студентски прашања исклучиво во резервираниот термин.
Студентите кои нема да ги почитуваат предвидените рокови, уписот на семестарот ќе може да го реализираат со поднесување молба за задоцнет упис и надомест, согласно ценовникот на ФЕИТ. Истото важи и за студентите кои ќе се пријават електронски, но нема да достават комплетни документи во Одделението за студентски прашања во предвидениот рок.
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Потребни документи за заверка на зимски семестар:
- Индекс (во кој треба да бидат впишани предметите што студентот ги слушал во зимскиот семестар).
- Образец А4 (Семестрален лист за заверка на семестар) пополнет со предметите што студентот ги слушал во зимскиот семестар .
- Студентите кои плаќањето на финансиските обврски го реализираат на повеќе рати, потребно е да достават уплатница со реализирана уплата на рата на жиро-сметка на Факултетот.
- За следење на процесот на самоевалуација на ФЕИТ, студентите се должни да пополнат анонимна електронска анкета за наставата во изминатиот семестар. Електронската анкета се пополнува на адресата http://anketa.feit.ukim.edu.mk/ и ќе биде достапна од 2.2.2022 година. Како доказ за пополнување на анкетата се приложува принт од последната страна од анкетата.
Потребни документи за запишување летен семестар:
- Индекс,
- Образец А3 за запишување семестар,
- Интерен пријавен лист со предмети – истиот се пополнува и печати при електронското пријавување (принт скрин од запишаните предмети) на www.iknow.ukim.edu.mk,
- Потврда за извршена уплата на партиципација (државна или квота со кофинансирање, види „Финансиски обврски“).
ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
Услови за заверување на зимскиот семестар
- Студентот може да го завери зимскиот семестар само ако ги исполнил академските обврски за сите предмети што ги запишал во дадениот семестар.
- Потврда за исполнети академски обврски за предмет претставува добиен потпис во електронскиот систем iKnow.
2. Семестарот може да се завери и без потпис за предметите, за што се плаќа надомест од 1.000,00 денари на жиро-сметката на Факултетот, со што се овозможува да се заверат останатите предмети, за кои студентот добил потпис во iKnow.
- Студентот нема право да ги полага испитите по оние предметите за кои не се исполнети академските обврски (нема потпис во iKnow). Доколку овие предмети се задолжителни, студентот е должен да ги запише и ислуша во следната учебна година (2022/2023).
Правила за запишување на летниот семестар
- Секој студент што запишува летен семестар е должен да изврши избор на предмети што ќе ги слуша во летниот семестар, според следниве правила:
- Во секој семестар студентот запишува предмети до најмногу 35 кредити,
- При запишувањето на семестарот студентот прво ги запишува неположените задолжителни предмети од претходниот летен семестар, потоа задолжителните предмети од тековниот семестар и на крај, изборните предмети од тековниот семестар, при што вкупните студиски обврски во семестарот не надминуваат 35 кредити,
- Студентот може да запише повеќе од 35 кредити само доколку ги исполнува следниве услови:
- положени предмети и реализирани кредити од сите претходно запишани предмети,
- просечна оценка најмалку 8,5.
Студентот кој ги исполнува овие услови и сака да запише поголем број кредити од 35, поднесува Барање за одобрување на запишување поголем број кредити до продеканот за настава на ФЕИТ (во писмена форма со уплата од 50,00 ден. за адм. т-са, преку студентската архива на Факултетот, или електронски на адресата studentska_arhiva@feit.ukim.edu.mk)
НАПОМЕНА: Ќе бидат разгледувани доставените молби за запишување на поголем број кредити од 35 само на оние студенти кои го исполнуваат условите наведени погоре.
- Минималниот број запишани кредити е 21 кредит (исклучок се студентите во последен семестар, кои може да запишат и помалку од 21 кредит, ако го имаат реализирано потребиот број кредити до дипломирање).
2. При запишување на предметите, потребно е да бидат исполнети предусловите дефинирани со предметните програми што се приложени во информациските пакети за секоја студиска година, дадени на веб страницата на Факултетот.
Важни напомени за студентите
- Согласно Правилата за студирање, студентот го губи статусот на студент запишан во државна квота (квота со партиципација) и ги продолжува студиите во квота со кофинансирање (квота со школарина) ако:
- еден предмет запише по трет пат,
- не освои најмалку 50% од запишаните ЕКТС кредити во соодветниот зимски/летен семестар од претходната учебна година. Оваа одлука се однесува при запишување на сите наредни зимски/летни семестри.
2. Студентот може да поднесе молба за промена на веќе избран изборен предмет, најдоцна до 1.3.2022 година, односно непосредно по почетокот на летниот семестар, со надомест од 1.000,00 денари.
ФИНАНСИСКИ ОБВРСКИ
Студентите треба да достават уплатница за вториот дел од финансиските обврски за студирањето, на жиро-сметкатата на факултетот, согласно планот направен при нивното запишување:
- За студентите запишани во квота со партиципација (државна квота) финансиските обврски изнесуваат 100 ЕВРА во денарска противвредност (6.150,00 ден). Цената на 1 кредит изнесува 205,00 ден.
- Студентите кои плаќаат школарина (квота со кофинансирање на студирањето), финансиските обврски изнесуваат 200 ЕВРА во денарска противвредност (12.300,00 ден). Цената на 1 кредит изнесува 410,00 ден.
При уплатата се користи образецот ПП50, а во соодветните полиња се внесува:
- Назив на примачот: УКИМ – Факултет за електротехника и инфомациски технологии
- Банка на примачот: НБРМ
- Tрезорска сметка: 100000000063095
- Сметка на буџетски корисник: 160010428678814
- Приходна шифра: 723012, програма 41
- Цел на дознака: Партиципација за државна/кофинансирање за XY кредити
СТУДЕНТИ ВО ЗАВРШЕН – ПОСЛЕДЕН СЕМЕСТАР ОД СТУДИИТЕ
(студенти кои ги положиле сите испити, а не го одбраниле дипломскиот труд)
Потребни документи за заверка за зимски и запишување летен семестар:
- Индекс,
- Образец А4 за заверка на семестар (доколку во зимскиот семестар студентот слушал предмети или запишал само дипломски труд),
- Анкета (доколку во зимскиот семестар студентот слушал предмети),
- Образец А3 за запишување семестар,
- Интерен пријавен лист со предмети – истиот се пополнува и печати при електронското пријавување на iknow.ukim.edu.mk. Дипломскиот труд се запишува/презапишува како задолжителен предмет.
- Пријава за дипломски труд (во четири примерока, претходно потпишана од менторот и заверена во архивата на факултетот и уплата за адмнистративна такса од 50,00 ден.)(линк кон документи).
- Потврда за извршена уплата на 3 кредити за реализирана пракса (за студентите кои се запишани по наставен план 2012), на факултетската жиро сметка (задолжително се уплаќа на посебна уплатница, со цел на дознака: уплата на кредити за пракса).
- Потврда за извршена уплата на партиципација, на факултетската жиро сметка (државна или квота со кофинансирање, види Финансиски обврски).
- Потврда за извршена уплата на 8 кредити за дипломскиот труд, на факултетската жиро сметка (државна или квота со кофинансирање, види Финансиски обврски).
Дополнителни информации за студентите во завршен – последен семестар
- Студентите кои покрај дипломски труд запишуваат барем еден предмет, доставуваат комплетна документација (страна 2, Потребни документи за запишување летен семестар).
- Студентите кои ги положиле сите испити, пријавиле дипломски труд во зимскиот семестар 2021/2022 и истиот нема да го одбранат до 18.2.2022 година, треба да запишат летен семестар. Притоа, се доставуваат истите документи наведени погоре, со исклучок на интерен пријавен лист и потврда за уплатена партиципација. Дополнително, треба да достават потврда за реализирана уплата во износ од 1000,00 денари за административни трошоци за упис на празен семестар, на жиро сметката на Факултетотот.
- Дипломскиот труд задолжително се запишува/пријавува ако студентот освоил 200 кредити по сите основи (положени испити, извршена студентска пракса, реализирани семинари/курсеви) и ги има ислушано/заверено задолжителните предмети од претходниот зимски/летен семестар.
- Дипломскиот труд може да се брани ако студентот стекнал најмалку 232, или 231 кредити, односно ги положил сите задолжителни и изборни предмети. Препорачаниот рок за одбрана на дипломскиот труд е три месеци од положувањето на последниот испит (не се смета еден месец во текот на летото, поради годишни одмори).
- Крајниот рок за доставување на пријавата за дипломски труд е 15.3.2022 година. со што се смета дека студентот комплетно го реализирал уписот на летен семестар и ќе може да го подигне индексот.
- Доколку запишаниот/пријавениот дипломскиот труд во овој семестар, не биде одбранет до уписот на следниот летен семестар во учебната 2022/2023 година, истиот се презапишува, со можност на промена на менторот и темата.
- Максималниот број студенти кои можат да пријават дипломски труд кај еден ментор е 15 студенти (во периодот од 1.10.2021 до 30.9.2022 година).
Скопје, 28.1.2022 година
Од Деканатот на ФЕИТ – Скопје