Нашиот колега, проф. д-р Зоран Хаџи-Велков е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите на Изборното собрание на МАНУ, одржано на 30 март 2022 година.
Д-р Зоран Хаџи-Велков е редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Тој е светски признат научник во областа на безжични и мобилни телекомуникации. Дал важен придонес во истражувањата на безжични радио канали, безжични локални мрежи, кооперативни и релејни комуникации, истовремен пренос на енергија и информација, и безжично напојувани комуникациски мрежи. Бил уредник во престижни меѓународни списанија на ИЕЕЕ. Добитник е на наградата за најдобар научник на УКИМ и на Хумболтова стипендија за искусни истражувачи. Под негово менторство се развива млад и перспективен научен кадар, а неколку негови магистранти или докторанди се веќе профилирани како светски афирмирани научници и професори на домашни и познати светски универзитети.
За дописни членови на Академијата се избираат истакнати научници или уметници чии индивидуални научни трудови или уметнички остварувања претставуваат значаен придонес и се меѓународно признати, кои постојано живеат во РСМ и се нејзини државјани. Бидејќи високото образование и професионалната кариера на колегата Хаџи-Велков се одвиваат на ФЕИТ уште од неговите студии на факултетот па до денес, неговиот избор за дописен член на МАНУ претставува признание и за ФЕИТ како водечка високообразовна и научна институција во државата.