Во периодот од 2.5 до 8.5.2023 се одржа 27-то издание на ICAMES (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students) Меѓународната културна и академска средба на студентите по технички науки, организирано од Друштвото на инженери од Универзитетот Боазиџи во Истанбул, Турција. Овој настан претставува натпревар на инженерски проекти во кој се претставуваат проекти од сите инженерски дисциплини изработени од студенти на додипломски студии. Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) учествуваа на натпреварот и оваа година проектот „SolBerries: A Dual Purpose Use of Arable Land with Agrivoltaics and Raspberry Cultivation in Polog, Macedonia“ на студентите: Ангела Мешкова, Емилија Наумоска, Стефан Мерџаноски и Милош Милошевиќ изработен под менторство на асс м-р Александар Крлески ја освои главната награда за најдобра презентација. Со ова, студентите на ФЕИТ ја продолжуваат повеќегодишната традицијата на освојување награди на меѓународни натпревари. Оваа година, на ICAMES 2023 учествуваа студентски тимови од повеќе земји, вклучувајќи ги Kина, Италија, Украина, Турција, Кипар, Канада, Јордан, Мароко, Казахстан, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Проектите кои се натпреватуваа оваа година имаа за задача да дадат придонес, иновативни методи и одржливи решенија за реализација на концептот на „Паметни градови“ (eng. Smart cities).
Успехот на нашите студенти е резултат на нивното знаење, упорност и желба да го покажат она што го знаат и умеат. Со ова ФЕИТ покажува дека продолжува да создава и поддржува квалитетни студенти, кои ќе бидат инспирација за помладите колеги. Студентите добија подршка и од доц. д-р Маја Целеска Крстевска која ја даде иницијативата за учество на овој натпревар и деканот на факултетот проф. д-р Димитар Ташковски.