Со финалниот натпревар во пет различни категории кој се одржа во Градско кино – Кино Милениум во саботата (13 мај 2023), заврши овогодинешното издание на RoboMac.
На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ во Скопје, Машински факултет во Скопје, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, како и студенти од Електронскиот факултет во Ниш и Електротехничкиот факултет во Сараево, распределени во 21 тим.
Категориите во кои учесниците се натпреваруваа се:
ROBOTIC ARM
Целта на оваа категорија е учесниците да ја испрограмираат роботската рака така што таа ќе сортира објекти по боја и по форма. Потребно е да се разработи инверзна кинематика, што ќе овозможи на роботската рака да ги достигне координатите на секој објект и да го премести на целната позиција. Од целната позиција треба да се фотографира објектот со камерата и да се изврши обработка на добиената слика, со што објектот ќе се сортира според боја и форма во соодветната кутија.
Во текот на натпреварот, тимовите добија и дополнителна задача за бонус поени – објектот да се префрли во кутијата на противникот преку бариерата.
Категоријата беше под менторство на : Асс. М-р Благој Христов.
Победници во категоријата се: Илија Мижимакоски и Ангела Секуловска;
CHATBOT CHALLENGE
Во време во кое технологијата е сеприсутна во човековото живеење, се зголемува сѐ повеќе потребата за интеракција со неа. За нас луѓето најприродниот начин за комуникација со роботите и вештачката интелигенција е говорот. Во оваа категорија учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот ЏетБот на македонски.
Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препознaвање на македонски од нула, и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустички средини и во услови на шум и бучава.
Категоријата беше под менторство на проф. д-р Бранислав Геразов.
Победници во категоријата се: Даниела Стојческа и Лука Златановски;
SELF RACING CARS
Self-racing cars е категорија во која тимовите се натпреваруваат преку нивните колички кои самостојно се движат. Секоја од количките е всушност џетбот робот, со вграден Енвидиа микрокомпјутер, графичка картичка и камера преку која роботот го гледа патот.
Натпреварувачите цела недела тренираа невронски мрежи за роботите да научат да возат по патеката, многу слично како и вистинските автономни возила.
Категоријата беше под менторство на: асс.м-р Стефан Златинов;
Победници во категоријата се: Давид Строимановски, Ване Мирчев и Андреј Петров;
COLOR CODED CHALLENGE
Потребно е од основни градбени елементи да се состави модел на автономно возило кое ќе може да следи исцртана патека и да регистрира колор маркери во близина на патеката.
Категоријата беше под менторство на: м-р Марио Макрадули;
Победници во категоријата се: Давид Атанасоски и Душан Мерџановски;
AI AGENTS
Во категоријата AI Football секој тим треба да управува група од тројца играчи кои ќе играат фудбал еден против друг. Секој од тимовите во текот на оваа недела развија свој алгоритам на вештачка интелигенција кој автономно ќе управува со фудбалските играчи. Тимовите имаат на располагање по еден напаѓач, дефанзивец и плејмејкер, и требаше да изработат алгоритам кој ќе одлучува за доделување на улогите на секој играч.
Секој од фудбалерите прикажани на екранот се движат и шутираат своеволно исто како што електричните возила на Тесла можат да се движат автономно по автопати.
Категоријата беше под менторство на: Асс. м-р Филип Дончевски;
Победници во категоријата се: Александар Димиќ, Иван Николов и Петар Стефановски
– Работевте неуморно цела недела, и по 12 часа на ден со цел да одговорите на поставениот предизвик, но верувам дека сите ја препознавате уникатната можност која РобоМак ја овозможува. РобоМак вреди многу повеќе од 2 ЕКТС, нуди непроценливо практично исксутво работејќи со најсовремена опрема во дизајнирањето на иднината. Успехот на овој натпревар севкупно секако се должи и на огромната поддршка и несебичниот влог на професорите и асистентите на ФЕИТ, како и менторите кои дизајнираа уникатни предизвици коишто доликуваат на ФЕИТ, каде студентите подолго од 60 години решаваат проблеми за кои повеќето не знаат дека постојат. рече Стефан Момир – претседател на организацискиот одбор на РобоМак 2023.
На финалето гостуваа Кирил Зарински и Филип Ѓоргиев од YouTube каналот Скратен Корнер како коментатори на категоријата AI Agents, што создаде уникатна еуфорична атмосфера која ја исполни салата со адреналин.