ИЕЕЕ семинарот на тема „Решавање на сложувалката на мозокот со шизофренија“ се одржа на ФЕИТ во понеделник, 14 април 2025. На семинарот земаа учество д-р Спасе Петковски и м-р Даниела Јанева од Институтот за невронски науки на системите (INS, UMR1106). INS е мултидисциплинарен истражувачки институт на Inserm и Универзитетот Aix-Marseille, сместен на кампусот La Timone во Марсеј, Франција. Членовите на INS се составени од универзитетски истражувачи и клиничари од институциите на болницата La Timone (APHM), како и истражувачи од Inserm и CNRS.
Во своето излагање, д-р Петковски зборуваше за фокусот на истражувањата на неговиот тим на INS, како и пошироко за работата на сите групи кои влегуваат во состав на овој Институт. Тој се задржа на важноста за градење на дигитален близнак на човековиот мозок, наречен „виртуелен мозок“, со чија помош не само што може да се моделира работата на мозокот и да се симулираат медицински снимки со биомаркери на разни нарушувања во мозочната активност, туку и кој ќе може да се откријат причините зад појавата на овие биомаркери.
Во вториот дел, м-р Јанева ги претстави најновите резултати во својата докторска работа фокусирана на составување на сите информации за работата на мозокот добиени со различни методи од биомедицинското инженерство, фармаколошки анализи и клинички податоци во една сложувалка за опишување на работата на мозокот со шизофренија. На предавањето таа дискутираше за деталите околу идентификацијата на два различни подтипови на оваа болест со користење на методи на машинско учење без надзор, што е клучно за развој на персонализирани терапевтски стратегии.
Семинарот беше организиран во рамки на активностите на предметот Биомедицинска електроника, а побуди интерес кај публиката која броеше професори и студенти на ФЕИТ, членови на ИЕЕЕ, но и претставници од Клиниката за психијатрија, кои особено се вклучија во дискусијата.
Семинарот беше поддржан од македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC), здружениот оддел за индустриска електроника/индустриски апликации/енергетска електроника (IE013/IA034/PEL035), како и група на доживотни членови на ИЕЕЕ, (LM80077).