ФЕИТ, заедно со својот Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, од 30 јуни до 2 јули беше домаќин на неколку настани организирани во рамките на INNOVABLUE проектот и тоа PoC Workshop, 1st Hackathon & Blue Adrion Fund Ideation Workshop. Овие настани обединија истражувачи, студенти, стартап компании, иноватори, претставници на индустријата и јавни институции од Јадранско-Јонскиот регион.
Во текот на трите работни дена, учесниците работеа во мултидисциплинарни тимови на развој на иновативни Proof of Concept (PoC) решенија, насочени кон реални предизвици во сината економија, спроведоа хакатон за сини иновации и организираа работилница посветена на концептот на Blue Adrion Fund – иницијатива за создавање регионален финансиски механизам кој ќе го поддржи развојот и пласманот на иновативни решенија во сината економија. Преку дискусии меѓу претставници на академската заедница, индустријата, јавниот сектор и креаторите на политики, се разгледуваа можните модели за идно финансирање на иновациите во регионот.
ФЕИТ, како домаќин на овој престижен меѓународен настан, уште еднаш ја демонстрира својата посветеност кон европските истражувачки и иновациски иницијативи и кон развојот на технологии со реално општествено и економско влијание. Истовремено, овие настани се уште една потврда за неговата улога како регионален центар за иновации, претприемништво и трансфер на знаење. Учеството на партнери од повеќе ADRION земји дополнително ја потврдува важноста на меѓународната соработка во создавањето одржливи решенија за иднината на сината економија.
Европскиот проект INNOVABLUE е финансиран преку програмата Interreg IPA ADRION и има за цел да ги зајакне иновациските капацитети, трансферот на технологии и прекуграничната соработка во областа на одржливата сина економија.




