Тимот AquaSCADA од ФЕИТ го освои првото место на првиот INNOVABLUE хакатон, во силна меѓународна конкуренција на повеќе од 30 тимови. INNOVABLUE хакатонот се реализираше преку два посебни настани – во Скопје и во Шибеник, обединувајќи студенти, млади истражувачи, инженери и иноватори од повеќе земји од ADRION регионот околу предизвици поврзани со сината економија, одржливото управување со водните ресурси и примената на нови технологии.


Тимот AquaSCADA го сочинуваат Теона Антоноска, Анѓела Костадинова, Андреа Ѓошева и Ана Софрониевска под менторство на доц. д-р Филип Дончевски. Како победник, AquaSCADA доби пакет за поддршка во вредност од 5.000 евра, кој вклучува четири специјализирани менторски сесии со експерти од проектот INNOVABLUE и DIH Innovamare. Поддршката е насочена кон понатамошен технолошки, бизнис и пазарен развој на решението, вклучително и негова валидација, тестирање и подготовка за пазарна примена. Следен чекор за тимот AquaSCADA е учество на EIT Water & PDJF Regional Hackathon 2026, кој ќе се одржи на 5 ноември 2026 година во Задар, Хрватска.

ФЕИТ им упатува искрени честитки на Теона, Анѓела, Андреа и Ана, како и на нивниот ментор доц. д-р Филип Дончевски, за овој значаен меѓународен успех!


