Во рамките на Факултетот, а со цел подобрување на соработката со стопанството и имплементација на научните сознанија во апликативната дејност, во 2013. година е формирано Инспекциско тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема. Инспекциското тело е акредитирано од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ), со Решение бр. ИТ 074 од 11. 9. 2013 година, согласно барањата на стандардот МКС EN ISO/IEC 17020:2012, тип А.
Визија на Инспекциското тело е постигнување ниво на квалитет во апликативната дејност на Факултетот што ќе му овозможи домашна и меѓународна препознатливост, а неговата мисија е да изведува инспекциски активности согласно националните и меѓународните стандарди и прописи со користење современи методи и опрема и задоволување на потребите и барањата на корисниците.
Во декември 2015. година, од страна на Министерството за економија на Р. Македонија, а врз основа на акредитацијата на Инспекциското тело, издадено е Решение за исполнетост на условите за вршење технички прегледи и периодични испитувања на електроенергетски постројки, електрични производи и уреди, со што се зголемија можностите за квалитативно подобрување на апликативната дејност и зголемено искористување на материјално техничките, а особено кадровските можности на Факултетот.
Министерство за економија во април 2016. година, исто така, врз основа на акредитацијата на Инспекциското тело, на Факултетот му издаде Решение за овластување за вршење на оценка на сообразност за електромагнетна компатибилност.
Инспекциското тело својата дејност ја врши преку следните подрачја на инспекција:
1. Електрични инсталации за низок напон (НН), громобрански инсталации и заземјување;
2. Заземјување на електроенергетски постројки со номинален напон над 1000 V;
3. Средства за заштита при работа во енергетски постројки;
4. Високонапонска опрема: електрични генератори, мотори, енергетски трансформатори;
5. Високонапонска опрема: мерни трансформатори;
6. Електрична заштита на енергетска опрема;
7. Мерење на електромагнетно поле;
8. Телекомуникации;
9. Фискална опрема и системи, електронска и информатичка комуникациска опрема и
10. Контрола на електромагнетни влијанија на и од електротехничка опрема.
Раководител на инспекциското тело е проф. д-р Влатко Стоилков.