Во рамките на проектот ВиМеЛа – Виртуелна лабораторија за мехатроника од Еразмус + програмата во периодот од 9-13. септември 2019 година во Конгресниот центар во Охрид се одржа студентска работилница. Согласно пријавата на проектот при крајот на реализацијата на проектот е предвидена работилница со студенти и истражувачи од универзитетите партнери во проектот од Лоѓ-Полска, Скопје-Македонија, Павија-Италија и Тарту-Естонија. Од секоја земја учествуваа по 5 студенти во работилницата, односно вкупно 20 студенти. Од ФЕИТ во работилницата учествуваа следните студенти: Ангела Најдоска, Ангела Попова, Илија Ивановски, Зоран Пушев и Стефан Трифунов.
Целта на работилницата е студентите преку инструктори (истражувачи во проектот) да се воведат во концепцијата на реализираниот програмски пакет за симулација на виртуелна реалност на Лабораторија за мехатроника и потоа истиот да го тестираат и дадат свои коментари и видувања со што би се подобрила бета верзијата на програмскиот пакет криран за потребите на проектот. Од тој апспект работилницата беше конципирана на тој начин што содржеше едукативен дел и испитувачка работа во виртуелна реалност на лабораторија за мехатроника со вкупен фонд од 30 работни часови, како и проверка на знаењето преку елаборирање на завршен извештај кој го презентираше секој студент поединечно на крајот од секој работен ден во еден од работните денови на работилницата. Во едукативниот дел на работилницата учествуваа следните истражувачи: Проф. д-р Гога Цветковски, Проф. д-р Лидија Петковска, Доц. д-р Маја Целеска, Доц. д-р Дорота Каминска, д-р Томаш Сапински, д-р Гжегорж Зволински, Проф. д-р Томас Тик и м-р Раин Ерик Хамер.
Се планира откако ќе биде финализиран програмскиот пакет да биде ставен во функција во наставниот процес на Универзитетите/Факултетите во сите земји учеснички.
Раководител на проектот при ФЕИТ
Проф. д-р Гога Цветковски