11. Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР)

Објавено: декември 4, 2023

Денес се одржа отворањето на 11. Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР) на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Конференцијата, која е во организација на студентите од ФЕИТ со поддршка на вработените од Факултетот, ќе трае од 4. до 6. декември 2023 година. На Конференцијата учествуваат студентите од ФЕИТ и останатите технички факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), за заеднички се осврнат на проблемите поврзани со енергетската транзиција и еко-предизвиците, и да понудат и дискутираат иновативни решенија поврзани со овие теми. Конференцијата е организирана со поддршка на ФЕИТ и УКИМ, а годинава е поддржана и од Македонското здружение на млади правници во рамки на проектот Младински активизам за позелени општини.

Во рамки на Конференцијата ќе бидат презентирани 21 студентски труд, а учество ќе земат 45 регистрирани учесници. Исто така, ќе бидат организирани 5 предавања од истакнати професори од земјава и странство, 2 панел дискусии и една работилница. Панел дискусиите ќе бидат поврзани со актуелните еко-предизвици, а учество ќе земат млади инженери – алумни на СКЕЕОР и претставници од младински здруженија. Традиционално, како придружен настан на Конференцијата, ќе се одржи и работилница која е наменета за средношколци, а чија цел е за подигнување на свесноста за еколошките проблеми.

Распоредот на настаните може да се погледне на следната врска: https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?p=4855&lang=mk