Доц. д-р Владимир Ѓоргиевски најдобар научник во подрачјето на техничко-технолошки науки за 2022

Објавено: ноември 10, 2023

По повод 10. ноември, прогласен за Светски ден на науката за мир и развој од Обединетите нации, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), ги додели наградите за најдобри научници и уметник на УКИМ за 2022 година.

Особено сме горди што годинашната награда за најдобар научник во подрајчето техничко-технолошки науки му припадна на доц. д-р Владимир Ѓоргиевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Наградата му е доделена за исклучителни достигнувања во науката и објавени научни резултати во престижни меѓународни списанија и на научни собири и широка меѓународна афирмација на УКИМ и ФЕИТ.

По повод одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, УКИМ организираше и дебата на тема „Науката на УКИМ во функција на подобро општество“, а меѓу говорниците на дебатата беа и проф. д-р Зоран Хаџи Велков и вонр. проф. д-р Христијан Ѓорески од ФЕИТ. Дебатата се организира во согласност со годинашната тема „Градење доверба во науката“ на Обединетите нации за одбележување на 10. ноември, Светскиот ден на науката за мир и развој.