ФЕИТ Серија предавања на тема асистивни технологии

Објавено: мај 18, 2026

Серија предавања на тема асистивни технологии беше одржана во Лабораторија за електроника во вторник, 12 мај 2026 во рамки на наставните активности по предметот [Биомедицинска електроника] (https://gitlab.com/feeit-freecourseware/biomedical-electronics). На работилницата земаа учество низа на реномирани експерти од оваа област во Македонија.

Најпрвин за примената на виртуелна реалност кај лица со аутизам зборуваше проф. д-р Јасмина Трошанска од Педагошкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово и претседател на Здружението за унапредување на квалитетот на живот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам „Сина светулка“. Таа ги претстави резултатите од соработката со реномирани меѓународни партнери на оваа тема во рамки на проектите ABA-VR за обука на студентите за поддршка на лицата со аутизам во раководење со однесувањето, со помош на виртуелна реалност и Houses4Autism насочен кон поддршка за луѓето со аутизам да го изградат своето независно живеење.

  

За потребите од технолошки иновации во училиштата со ресурсен центар зборуваа професорите од Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов: Ирина Симоновска и Кристијан Лазарев, исто така претседател на Асоцијацијата за пристапност и инклузија (АПИ). Тие ги претставија предизвиците со кои се соочуваат во својата секојдневна работа и беа направени дискусии како студентите на ФЕИТ можат да придонесат во директно применлив развој на асистивните технологии.

За развојот на достапноста и примената на асистивните технологии во Македонија зборуваа Маргарита Гулевска и Данче Тодоровска од Здружението за асистивни технологии „Отворете ги прозорците“. Тие дадоа директни примери како студентите и кадарот на ФЕИТ во минатото оствариле значаен придонес во развојот на асистивните технологии во соработка со здружението, пред сѐ изработката на [слободниот глас за синтеза на говор на македонски Сузе] (https://speech.feit.ukim.edu.mk/tts_suze.html) и [асистивната тастатура]  (https://github.com/FEEIT-Assistive-Technologies/Assistive-keyboard) за корисници со моторни попречености.

На крајот, колегите Мартин Милчевски и Лука Дамјанов, студенти на ФЕИТ, ја презентираа својата тековна работа на уред за користење на компјутер на лица со квадриплегија, преку движења со главата – [gyromouse] (https://github.com/crackshack/gyromouse).

Серијата предавања беа поддржани од македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC), како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ (LM80077).