Како завршна активност од Еразмус+ проектот Валенс на ФЕИТ во периодот 20 – 22. март 2023 г. беше одржан 3-дневен курс на тема „Машинско учење и наука за податоци за средни училишта”. Курсот беше одржан во рамки на активностите на Лабораторија за производство ФЕИТ ФабЛаб, а на него присуствуваа 56 средношколци од средните училишта „Илинден”, „Раде Јовчевски Корчагин”, „Орце Николов”, „Михајло Пупин”, „Никола Карев” и „Зеф Љуш Марку”.
Во курсот свои воведни предавања за различни теми од областа на машинското учење и науката за податоци имаа професорите Живко Коколански, Стефан Златинов, Томислав Карталов, Марија Марковска Димитровска, Горјан Наџински и Бранислав Геразов. Предавањата беа направени врз база на наставниот материјал за машинско учење и податочна наука создаден во рамките на проектот Валенс, а наменет за средните училишта. Целиот материјал е достапен на Гитхаб на повеќе јазици, вклучувајќи: македонски, англиски, словенечки, српски и албански.
Курсот беше поддржан од македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC), како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ, (LM80077).