Сребрен медал на Image Matching Challenge 2023

Објавено: октомври 27, 2023

Тимот 3DIPTeam составен од студентите Јован Камчев, Симона Тошеска, Ивона Мирческа и Тиана Пауноска освои сребрен медал на овогодинешниот Image Matching Challenge организиран од Goggle Research (48мо место од вкупно 494 тимови на Kaggle платформата).

Во време кога секој мобилен телефон содржи вградена камера со висок квалитет, мобилните телефони се главен извор на фотографии кои го документираат светот. Кога станува збор за познати знаменитости, постојат многу фотографии од истата локација направени од различни луѓе и во различни услови. Со комбинирање на сите фотографии од еден објект, може да се создаде комплетен 3Д приказ на објектот. Целта на натпреварот беше прецизна реконструкција на 3Д сцена од множество фотографии од повеќе различни погледи, растојанија, светлосни и временски услови. Преку истражување и модификација на претходни решенија за екстракција и спарување на клучни точки во сликите и формирање на 3Д облак од точки, студентите развија алгоритам за реконструкција на 3Д сцена со кој го освоија сребрениот медал на натпреварот.

Честитки за успехот!