Тим на ФЕИТ учествуваше во подготовка на студија за влијанието на ЕВН Македонија врз електроенергетиката, економијата и општеството

Објавено: мај 8, 2026

По повод 20 години присуство во македонскиот електроенергетски сектор, тимови од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје работеа на студија чија цел беше да се даде приказ на влијанието на компанијата врз развојот на електроенергетскиот сектор во земјава, но и поширокото економско, општествено и социјално влијание во изминатите две децении. Анализите на тимот на ФЕИТ се однесуваа на промените во електроенергетскиот сектор во периодот 2006–2026 година и улогата на ЕВН Македонија во процесите на преструктуирање, либерализација и исполнување на обврските од европското законодавство. Опфатени беа и развојот на дистрибутивната мрежа, интеграцијата на производството од обновливи извори, развојот на мерните системи, управувањето со дистрибутивниот систем, организациските процеси, дигитализацијата, учеството на пазарите на електрична енергија, развојот на електромобилноста и производството на електрична енергија од дистрибуирани извори кои користат обновливи извори на енергија.

Дел од анализите се објавени во Студијата за социо-економското и енергетското влијание „ЕВН Македонија 20 години развој, 2006-2026“ чија промоција се одржа на 29 април 2026 година. На промоцијата беа присутни претставници од компанијата, државни институции, академската и бизнис заедницата, како и претставници на медиумите. Покрај обраќања на претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија и главен извршен директор на компанијата, г-дин Маиер, претседателот на Собранието, г-дин Гаши, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Божиновска, претседателот на Советот на странски инвеститори, г-дин Мизо, беа одржани и куси презентации на студијата. Резултатите од анализите спроведени од тимот на ФЕИТ ги презентираше проф. д-р Александра Крколева Матеска. По презентациите беше организирана и панел дискусија посветена на клучните наоди од спроведените анализи кои се вклучени во студијата. ФЕИТ беше претставен од проф. д-р Мирко Тодоровски и проф. д-р Александра Крколева Матеска.