Изминатиов викенд, како дел од првата фаза, на тридневна работилница се натпреваруваа педесетина млади иноватори во рамките на Предизвикот „Generation Unlimited” – кој што се организира и спроведува од страна на Смарт ап-лабораторијата за социјални иновации со целосна финансиска и просторна поддршка od УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија: https://www.genunlimited.mk/.
Настанот е од меѓународен тип, односно годинава се одржува во 40 земји, каде што младите работат на дигитални решенија за елиминирање на бариерите со кои децата и младите со попреченост се соочуваат во образованието и секојдневниот живот. Всушност, младите што учествуваат на овој натпревар се повикани да понудат иновативни одговори на прашањето „Како може дигиталната технологија да придонесе кон поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот?“
Десет тима, на возраст од 14 до 24 години, креираа иновативни решенија, од кои пет беа избрани како победници што поминуваат во следната фаза на Предизвикот. Тие добија финансиска поддршка од 1.000 долари по тим за понатамошно развивање на своите идеи во наредните 3 месеци, коишто по истекот на овој рок ќе треба да бидат преточени во прототип-решение.
Тимот „Mind Benders” беше дел од петте финалисти, којшто во наредните 3 месеци треба да го изработи своето иновативно решение: Дигитално Инклузивно Мени – коешто покрај тоа што ќе биде достапно за секој млад модерен човек што претпочита дигитализирани менија, прилагодено ќе биде и за негово користење од страна на лицата со различни типови попреченост. Тимот е составен од тројца студенти од ФЕИТ: Ивона Миланова, Марија Чаушевска, и Дамјан Златинов; двајца млади луѓе со попреченост: Кристијан Лазарев (целосно оштетен вид) и Ана Пупоска (целосно оштетен слух); а е менториран од страна на Д-р Христијан Ѓорески – Доцент на ФЕИТ.
Ако овој тим ја помине и наредната фаза во март, тогаш заедно со уште еден тим од Државава во јуни 2020-та би конкурирале на светско ниво. Овие решенија би имале шанса за дополнителни средства во износ од 20.000 долари по тим, поддршка од партнерите на “Generation Unlimited”, како и уште 9 месеци време за доразвивање и глобализирање на нивното решение.