Успешно заврши Неделата на роботиката

Објавено: март 25, 2019

25.03.2019, Скопје – Со финален натпревар во шест различни категории заврши 10-тиот Робомак 2019 година, во рамки на Неделата на роботиката, која ја организираа студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии. На натпреварот во Домот на АРМ се квалификуваа 22 од вкупно 29 екипи.

За студентот Сања Цветковиќ, дел од организацискиот тим на Робомак и член на Студентски огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ (Институт на инженери по електротехника и електроника), огромно е задоволството да се биде дел од ваков сериозен настан.

„Учесниците напорно работеа цела недела, речиси 12 часа дневно, но сето тоа беше многу интересно затоа што имаше многу дружење, работа и активности. Многу ми е мило што Робомак станува традиција, која ќе продолжи да се негува и надградува секоја година“, вели Цветковиќ.

ФЕИТ организираше Недела на роботиката по повод 10 години организација на Робомак – меѓународниот натпревар по роботика и вештачка интелигенција и 60 години од основањето на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

На отворањето на Неделата на роботиката, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски потенцираше дека„живееме во динамично време, особено во сферата на дигитализацијата, така што веќе секој следен ден некаде во светот се открива нов пронајдок, робот со нова вештина, млад човек кој ги поместува границите на возможното. Северна Македонија е мала земја, но младите луѓе се нашиот ресурс, нашата иднина. Само со вложување во Вас, со давање можности да се надградувате себеси, со обезбедување на услови да се развивате и стекнувате нови вештини, како држава можеме да бидеме конкурентни и да имаме со што да се претставиме пред светот“, истакна министерот Манчевски.

За ректорот Никола Јанкуловски на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ „да се говори за роботи, да се создаваат машини со вештачка интелигенција, да се работи на машини кои размислуваат – тоа веќе не е новост ниту за нашите академски граѓани. Веќе 10 години, токму  најинвентивните студенти на овој Факултетот, ја организираат манифестацијата Робомак и ги покажуваат и доближуваат најновите светски технолошки достигнувања пред нашата јавност“.

Победници на Робомак 2019 во различни категории се:

ROBOTIC ARM: 

Благој Христов (ФЕИТ)

Владимир Илиќ (ФЕИТ)

MAZE :

Растко Тодоровиќ (ФТН, Нови Сад)

Никола Бранковиќ (ФТН, Нови Сад)

LINE FOLLOWER :

Лука Адамовиќ (ЕТФ, Белград)

Јелена Лалиќ (ЕТФ, Белград)

AI FOOTBALL :

Игор Наумовски (ФЕИТ)

Симеон Трендов (ФЕИТ)

Здравко Тодоров (ФЕИТ)

Михаило Ристиќ (ЕТФ, Белград)

SPHERO : 

Софија Петровиќ (ЕТФ, Белград)

Борис Стевановски (ФЕИТ)

SUMO :

Андреј Биковски (ФЕИТ)