На 27.5.2022 година во ИНОФЕИТ беше одржана серија предавања на тема биомедицинско инженерство. Предавањата беа одржани во рамки на активностите на предметот Биомедицинска електроника, а беа поддржани од Дигиталниот иновациски хаб (ДИХ) ИНОФЕИТ и македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полупроводнички кола (ED/IM/SSC), студентските оддели (SC37 и ED15), како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ, (LM80077).
Во своето предавање м-р Филип Макрадули зборуваше за новите пристапи кои се употребуваат за толкување на работата на моделите за длабоко учење наменети за детекција на присуство на Ковид-19 во скенови на бели дробови направени со Компјутерска томографија (КТ). Објаснувањето на начинот на кој овие модели ги носат своите одлуки е круцијално за нивна примена во клиничката пракса. Резултатите кои ги презентираше беа дел од неговите истражувања за време на магистерските студии на Imperial College London, Лондон, Обединето Кралство.
На тема Дигитална активна рехабилитација, предавање одржа дипл. ел. инж. Глигор Кушоски од компанијата МЕДИТЕК. Тој ги презентираше апаратите за дигитална активна рехабилитација: Паметна ракавица – Smart Glove и когнитивен софтвер – Cognition. Повторувачкото учење кое тие го мотивираат игра значајна улога во подобрувањето на невропластичноста како и предностите и придобивките кои таа ги нуди.
м-р Симон Станкоски од Emteq Labs зборуваше за Препознавање на емоции со користење на сензори во виртуелна реалност. Во своето предавање тој ги демонстрираше најновите достигнувања на компанијата од областа на носливи уреди опремени со напредни биометриски сензори преку кои што во реално време може да се измери емоционалната состојба на корисникот – emteqPRO уредот за виртуелна реалност и паметните очила за аугментирана реалност.
Во последното дипл. ел. инж. Бојан Матовски од компанијата PathKeeper Surgical зборуваше за Следење на медицински уреди со употреба на 3Д камера. Компанијата развива навигациски систем наменет за операции на ’рбет кој вклучува предоперативно софтверско планирање, медицински инструменти кои можат да се следат во реално време и постоперативни анализи на податоци. Беа претставени и темите кои се сеуште во истражување и развој како: сегметнација на 3Д пршлени со машинско учење, поддршка за минимално инвазивни хирургии, и поддршка за магнетна резонанца и C-ARM/G-ARM.