Интервју на деканот за факултети.мк: Квалитетно високо образование е услов за одржлив развој на современото општество

Последна измена: август 17, 2021

Генерално, од целиот овој процес на меѓународната акредитација, пред сè, очекувам подобрување на квалитетот на ФЕИТ како институција и на нашите студиски програми, кои сега ќе бидат признаени по европските стандарди, вели проф. д-р Ташковски

На Факултетот за електротехника и информациски технологии минатата недела присуствуваа десет експерти ангажирани од Германската агенција за акредитација на високообразовни институции и студиски програми ASIIN. Која е мотивацијата да „влезете“ во еден ваков процес?

– Факултетот за електротехника и информациски технологии, како општествено одговорна институција, во своето работење посветува посебно внимание на квалитетот во сите области на работа: образование, научноистражувачка работа и соработка со стопанството. Без разлика на условите во кои дејствува високото образование во Македонија, наша обврска е да се стремиме кон што поквалитетно изведување на наставниот процес. Постоењето на квалитетно високо образование е услов за одржлив развој на современото општество, затоа што го одредува квалитетот на човечките ресурси во земјата. Квалитетот се дефинира врз основа на униформни стандарди и процедури во работата. Еден од начините да се утврди квалитетот на високообразовната институција е акредитацијата на студиските програми. За нас, акредитацијата е можност да направиме преиспитување и да видиме како може да го подобриме квалитетот на ФЕИТ и на неговите студиски програми. Акредитација е позначајна доколку има меѓународен карактер, односно доколку ја спроведе меѓународно призната агенција за акредитација. Впрочем, така работат најдобрите универзитет во светот. Како ФЕИТ, сакаме да го поминеме истиот пат на акредитација како и најпознатите светски универзитети, на пример, Техничкиот универзитет во Минхен. Токму професор од Техничкиот универзитет во Минхен беше член на еден од двата експертски тима што вршеа евалуација на нашиот факултет, формирани од ASIIN за нашата акредитација.

ASIIN е една од двете познати агенции за акредитација за студиски програми од областа на инженерството. Втората е ABET, актуелна е во САД и проверува дали високообразовната институција ги подготвува студентите во согласност со стандардите за квалитет што се дефинирани за дадена професија. ASIIN е референтна институција и во Германија, каде што издава сертификати за акредитација и ASIIN сертификати за квалитетот на студиските програми и во цела Европа. Исто така, ASIIN е овластен од ENAEE (Европска мрежа за акредитација на инженерско образование) за издавање на европскиот сертификат EUR-ACE на студиски програми од инженерството во процесот на меѓународна акредитација. Со тоа дипломата од ФЕИТ би станала и официјално призната во цела Европа.

 

Може ли да ни кажете повеќе за самиот начин на изведување на процесoт на меѓународна акредитација?

– Испитувањето на односите помеѓу расположливите ресурси, внатрешните механизми за обезбедување квалитет, структурата на студиската програма и резултатите од програмата (знаење, вештини и компетенции на студентите) се основа на обезбедувањето квалитет според концептот на ASIIN. Важен аспект е начинот на кој комисијата за преглед го проценува тоа. Комисијата се состои од реномирани експерти, при што постои баланс во однос на нивната експертиза: универзитетски професори, професори од универзитети на применети науки и претставници на компании.
Самиот процес почнува со извештај за самоевалуација од страна на институцијата која сака да се акредитира. Образецот на извештај е предефиниран согласно стандардите на ASIIN и неговото пополнување е резултат на постојниот систем за управување со квалитет. Ние подготвивме два извештаја (еден за т.н. енергетски насоки и еден за компјутерските насоки) и на нив работевме неколку месеци. Посебен акцент е ставен на структурата на студиските и предметните програми кои треба да доведат до дефинираните цели на студиската програма. Самиот извештај содржи поглавја и за начинот на изведување на наставата, спроведување на испитите, проектните активности и дипломските работи, ресурсите со кои располага Факултетот, системот за управување со квалитет, транспарентноста во работата, еднаквите можности за сите, вработливоста на дипломираните студенти и соработката со општеството. Самите извештаи се поддржани со голем број придружни документи, како на пример, процедури од воспоставен систем за квалитет, анализи на успешност на студирање на студентите, реализирани студентски анкети, меморандуми за соработка со компании, CV на сите професори. По позитивната оцена на извештаите од страна на ASIIN се реализира теренска посета на факултетот. Комисијата за време на посетата најпрво ја анализираше фактичката состојба заедно со претставниците на менаџментот на УКИМ и ФЕИТ, како и професорите одговорни за студиските програми. Потоа следуваше разговор со сите професори кои предаваат на студиските програми, со студентите и со претставници на индустријата. Направија анализа на начинот на полагање испити, реализација на проектни теми, дипломски работи, како и посета на лабораториите, библиотеката, училниците итн. По конечната размена на мислења на тимот експерти, беше закажан завршен состанок со менаџментот и раководителите на студиските програми на кој се презентираа првичните резултати од посетата. Комисиите ќе ги сумираат сите наоди во извештаи, на кои имаме право на одговор. По разгледување на нашиот одговор, комисиите доставуваат финални извештаи до Техничкиот комитет на ASIIN. Потоа тој дава препорака до Комисијата за акредитација и таа го дава конечно мислење во однос на акредитацијата.

 

Дали може да ги пренесете Вашите впечатоци од теренската посета и информација за првичните резултати?

– Малку е непријатно за себе да зборувате во суперлативи, но самите извештаи за самоевалуација со придружните документи, подготвени од наша страна, беа оценети како високо квалитетни. Организацијата на настанот во Скопје беше истакната како една од најдобрите. Исто така, пофалби добија и професорите за нивната посветеност во работата, нивното активно учество и искреност во процесот на проверка што на експертите во голема мера им ја олесни работата и доведе до објективни заклучоци, како и студентите за нивната отвореност и критичко размислување.
Експертите што вршеа теренска посета беа исклучително стручни и спремни, максимално коректни и пријателски расположени. Наодите кои ги презентираа беа коректни и во согласност со нашите очекувања. Првите резултати од анализа на нашите извештаи за самоевалуација и теренската посета се генерално позитивни. Детектирани се одредени слабости кои се надевам ќе бидат преточени во препораки. Истите може и треба да ги коригираме наскоро за да го подобриме квалитетот на студиските програми. Немам дилема дека ќе ја поминеме оваа акредитација. За тоа дефинитивно ќе дознаеме во септември по седницата на Комисијата за акредитација на ASIIN.


Кои се Вашите очекувања од целиот овој процес на меѓународна акредитација?
– Генерално, од целиот овој процес на меѓународната акредитација, пред сè, очекувам подобрување на квалитетот на ФЕИТ како институција и на нашите студиски програми, кои сега ќе бидат признаени по европските стандарди. Нашите студиски програми ќе бидат во списокот на ASIIN и со тоа ќе се овозможи поголема видливост и ќе се отвори можност да се зголеми и интересот за странски студенти, што е еден од нашите следни приоритети. Во тек се преговори со универзитет од Германија за петнаесетина негови студенти наесен да остварат 3-месечен престој на ФЕИТ каде што би ја изработувале својата магистерска теза под менторство на наши професори. Меѓународна акредитација ќе добијат и нашите студенти. Дипломите на ФЕИТ ќе добијат на „тежина“, ќе бидат признаени во Европа и нашите студенти полесно ќе можат да продолжат со работа или на студии во странство. Конечно, убеден сум дека потврдата на нашиот квалитет преку оваа меѓународна акредитација ќе значи и трансформација на ФЕИТ во насока на извонредност.


Какви се Вашите планови за во иднина?

– Со оваа акредитација немам дилема дека ќе го потврдиме нашиот квалитет. Но ќе бидам искрен и ќе кажам дека уште треба да работиме за да направиме целосна трансформација кон она што се бара од една современа високообразовна институција и ќе продолжиме да го реализираме тоа.
Како општествено одговорна институција, наша основна цел е да спремаме квалитетни истражувачи и инженери со одлично знаење. Но во денешно време, самото знаење ако не води до иновации, не е комплетно, а високообразовната институција не ја исполнила својата основна обврска. Крајна цел на современото образование мора да биде иновацијата. Иновацијата е клуч за креирање нови вредности во општество базирано на знаење, а без нив нема развој на општеството. Затоа е потребна трансформација кон истражувачки ориентирано образование. За такво образование, потребни се професори со богато истражувачко искуство, кои покрај пренесување на знаењето, ќе ги воведат студентите во научноистражувачка работа, што е основен услов студентите да почнат да размислуваат за иновации. Без тоа тешко дека може да дојдеме до иновации кои ќе ја придвижат економијата. ФЕИТ е една од водечките институции по бројот на научноистражувачки проекти во земјата и ќе продолжи да вложува во научноистражувачка работа, пред сè, во младите колеги, во услови кога поддршката од државата е минимална.
Во современото образование, соработката на академската заедница со стопанските субјекти е од големо значење. Од друга страна, не е можен развој на стопанството без поддршка на високообразовните институции. Со отворање на Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ, пред три години, го искажавме нашиот интерес за соработка. Веќе имаме склучено повеќе од 10 договори за договорно истражување со компании. Одреден број студенти се вклучени во овие проекти. Вклучувањето на студентите во научноистражувачка работа и во проекти со стопанските субјекти ги поврзува студентите со реални проблеми, стекнатото знаење добива смисла, ги мотивира да совладуваат нови знаења што секако ќе доведе до иновации. Затоа ваквиот тип на образование претставува императив за нас и ќе продолжиме во таа насока, а со тоа даваме значаен придонес во развојот на општеството. Но тука потребна е поддршка и од државата и од стопанството, како во обезбедување услови за научноистражувачка работа, така и во подобрување на научноистражувачка инфраструктура. Ова беше истакнато и во првичните резултати на експертските комисии на ASIIN, како една забелешка на која како ФЕИТ, за жал, не може многу да влијаеме. Вложувањето во креативни индустрии, планински и езерски туризам, индустриските зони, доделување разни типови субвенции се потребни за егзистенција на луѓето, но доколку сакаме економски раст, дефинитивно треба да се смени односот на државата кон науката. Без поддршка од државата, високообразовните институции тешко дека ќе можат да ја направат таа трансформација кон истражувачки и претприемнички ориентирано образование.