Лабораторијата за електрични мерења во рамки на Институтот за електрични мерења и материјали е основана при Факултетот во 1959 година и во текот на изминатиот период бележи постојан развој и проширување на дејноста. Во неа се негуваат и развиваат трите основни универзитетски дејности: наставна, научно – истражувачка и апликативна. Раководители на Лабораторијата од нејзиното основање до денес биле професорите: В. Јовевски, Б. Ханџиски, Ц. Гавровски, М. Чундева – Блајер, Љ. Арсов, Ж. Коколански и м-р К. Демерџиев.
Во Лабораторијата паралелно се одвиваат наставната, научно – истражувачката и апликативната дејност. Во наставната дејност се изведуваат лабораториски вежби по предметите од наставно – научната област електрични мерења и материјали, дипломски, магистерски работи, како и научни истражувања во рамките на докторските студии како по метрологија, така и на студиската програма електротехника и информациски технологии. Таа обезбедува простор со 24 работни места, масите се опремени со приклучни кутии за напојување, како и соодветна опрема за изведување на лабораториските вежби, како што се: мерна инструментација за електромагнетни величини, неелектрични величини, мерни системи за примена во електроенергетиката, како и компјутеризирани мерни системи. Карактеристика за оваа лабораторија е што низ неа поминуваат голем број студенти, практично сите студенти на ФЕИТ работат лабораториски вежби по соодветните предмети.
Во Лабораторијата се реализира научно – истражувачка работа во рамките на меѓународни и домашни проекти, за што постои современа инструментација. Во последните десет години спроведено е значајно обновување на опремата во лабораторијата преку неколку меѓународни проекти како што се: TEMPUS JEP CD 19010_2004 „Introduction of Two-tier Studies of Metrology“ со кои е набавена опрема за современо изведување настава на прв и втор циклус на студии, 158599 – TEMPUS -MK – TEMPUS – JPCR „Креирање трет циклус на студии – докторски студии по метрологија“ со кои е набавена опрема за истражувања во рамките на докторските студии, како и научни истражувања од областа на метрологијата. Во рамки на проектот на Владата на Република Македонија за опремување на универзитетските лаборатории е набавена опрема за мониторинг на параметрите на животната и работна средина. Опремата на Лабораторијата за електрични мерења се состои од: голем број различни мерни инструменти и осцилоскопи, извори на напон, функциски генератори, мерни мостови и компензатори, инструменти за квалитет на електрична енергија, картички за аквизиција на податоци, емулатори за програмирање на микроконтролери, разни видови сетила, безжични сетила и друга лабораториска опрема.
Во рамките на апликативната дејност, Лабораторијата врши мерења на параметрите на заземјувачите и заземјувачките системи, испитување на електрични инсталации, испитување на отпорности на изолација, испитување на статички електрицитет, тестирање на нисконапонски уреди и апарати, и други електрични мерења потребни во индустријата, а во рамките на инспекциското тело за електротехнички уреди, инсталации и опремa во склопот на ФЕИТ сообразно меѓународниот стандард ISO / IEC EN 17020. Калибрацијата на инструменти се прави во рамките на акредитираната лабораторија за калибрација ЛЕМ сообразно меѓународниот стандард ISO / IEC EN 17025.
Лабораторијата за електрични мерења е целосно отворена и за воннаставни активности со максимална можност за изведување практични студентски проекти (студентски работилници, студентски истражувачки проекти, изработка на дипломски работи од кои повеќето се со практична реализација, итн.). Работата во Лабораторијата може накусо да се илустрира низ следниве слики.