Факултетот за електротехника и информациски технологии, вчеравечер, на свечена церемонија ја промовираше 56-та генерација студенти кои дипломираa на нашиот факултет. Во Македонската филхармонија беа промовирани околу 260 нови инженери, од кои 198 дипломирани инженери и 58 магистри.
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, испраќајќи ги најуспешните инженери, порача дека тие “во изминатите неколку години покажаа храброст, вложија труд, добија знаење и успешно го завршија процесот на академско образование. Тие официјално тие станаа дипломирани инженери по електротехника и информациски технологии и магистри“.
Деканот Ташковски го заврши своето обраќање со пораката дека „кога размислуваме за иднината не верувам дека некој во оваа сала знае каков ќе биде светот за 20-тина години. Но сигурен сум дека Вие сте тие кои ќе го креирате, со вашето знаење, со вашите идеи, со вашата посветеност и упорност“.
„Бројките кои ги слушнавме денеска, 250 инженери и магистри, кои го завршуваат овој дел од своето образование, особено ме радува и ме охрабрува. Овие бројки се потврда дека ние не сме сами во дигиталната трансформација на државата, затоа што јас во вас ја гледам иднината на голем дел од тоа на кое што Министерството за информатичко општество и администрација работи. Помеѓу вас ги гледам лидерите во иплементацијата на новите 5Г технологии, ги гледам одговорните за зголемување на бројот на електронски услуги во државата и двигателите на процесот на целослна покриеност на државата со брз и ултра брз интернет. Помеѓу вас препознавам одговорни лица за сајбер безбедноста на државата и носители на економскиот развој, преку иновативни проекти и решенија“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.
Професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ рече дека „студентите на ФЕИТ се додадената вредност на овој факултет, на Македонија, но и на светот. Вредност која секој треба да ја почитува. Затоа што дипломиран електроинженер значи дека поминал низ квалитетен процес на образование, базиран на ЕКТС системот. Значи дека поминал многу часови во теоретска настава, многу време во истражувања и лабораториски вежби, многу време во читање и пишување трудови, многу време во реализација и решавање вистинити проблеми и предизвици“.
Во име на дипломираните се обрати инженерот Никола Буџакоски, кој во својот инспиративен говор, рече дека „во светот на возрасните, магијата се вика технологија“.
„Целиот мој живот сонував да летам. Тоа беше и причината која дојдов тука, сфатив дека во светот на возрасните магијата се вика технологија. Со секој изминат ден во оваа институција јас се одлепував се повеќе и повеќе од земјата, без да бидам свесен. Секое предавање, секој нов професор, асистент, секоја лекција, секој човек, секој колега. Можеби звучи смешно, но ФЕИТ навистина ме лансираше во вселената и ми даде можност да го живеам животот кој како дете го насликав во моите соништа“, порача Буџак.
Оваа година, Факултетот за електротехника и информациски технологии одбележа шест децении од своето постоење. Досега на ФЕИТ завршиле околу 8000 дипломирани инженери, повеќе од 750 магистри и 110 доктори на наука, кои дале и даваат придонес во развојот на државата и придонесуваат за подигање на реномето на ФЕИТ.
На промоцијата беа доделени и награди од професионални организации, како што се МАКО СИГРЕ, ЕТАИ, Атанаско Кантарџиев и награди за најдобрите дипломирани инженери.