Обука за работа со Програмабилни логички управувачи

Објавено: јули 6, 2020
Можни сертификати:
Број на слушатели:
8 / термин
Цена:

 

Овој курс е наменет за млади лица заинтересирани за обучување за работа со програмабилни логички управувачи, вештина која е неопходна во денешниот свет на модерната индустриска автоматика. Со успешно завршување на курсот и проверката на знаење, слушателите ќе стекнат основни познавања за програмабилните логички управувачи и нивната улога во управувачките системи (пред сѐ во индустријата), и истовремено ќе се оспособат за работа со скалестата логика на програмирање на овие управувачи како наједноставен и најчест пристап во реалноста.

Способноста за работа со програмабилни логички управувачи и нивно програмирање е од големо значење за било кој инженер или техничар кој/а се стреми за успех во својата струка, од причина што овие уреди денес претставуваат норма и секојдневие во управувањето на било кој автоматизиран процес во индустријата и пошироко.

Обуката ќе трае 5 дена по 4 часа дневно (вкупно 20 часа), а максималниот број на слушатели е 8.

За време на обуката, ќе се одржуваат предавања во форма на презентации со кои на слушателите ќе им се презентираат теоретските аспекти од програмабилните логички управувачи. Секоја презентација ќе биде поткрепена со практични примери и показни вежби кои слушателите директно ќе ги изработуваат на управувачите во лабораторијата. Овие примери и вежби ќе се суштински многу блиски до реални инженерски проблеми со кои инженерите и техничарите се среќаваат во индустријата.

На последниот ден од обуката ќе се спроведе тестирање за сите слушатели. Тестирањето ќе се состои од програмирање на управувачите за решавање на неколку специфични практични проблеми кои ќе опфатат аспекти од сите изучени теми.

Обуката ја спроведува и сертификатот го издава Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Факултетот има долга традиција и искуство во едукација од областа на индустриската автоматика и голем број на студенти дипломирани на Факултетот се денес успешни инженери и техничари во многу фабрики и компании низ Македонија и Европа.

ПРОГРАМА И ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ОБУКАТА

ТЕМА Бр. часови Ден
I – Основи на програмабилни логички управувачи (ПЛУа);

1. Општо за ПЛУ и нивната улога во управувачката јамка;

2. Видови на ПЛУа, производители на ПЛУа:

– Mitsubishi FX фамилија;

– Конкретно запознавање со FX-3GE;

3. Хардвер на ПЛУ – основни единици:

– процесор;

– напојување;

– меморија;

– дискретни влезови и излези;

4. Хардвер на ПЛУ – дополнителни и специјални модули:

– аналогни влезови и излези;

– други специјални модули и порти.

3 часа Ден 1
II – Запознавање со опремата во лабораторијата за ПЛУ во која се одржува обуката;

1. Работни станици и напојување;

2. Програмабилни логички управувачи и нивно поврзување со процесите;

1 час
III – Бројни системи и податочни типови;

1. Бројни системи (декаден, бинарен, октален, хексадецимален, BCD, конверзии);

2. Адресирање во меморијата на ПЛУата:

– начин на адресирање во октален систем;

– податочни типови (влезови, излези, битови, регистри, тајмери, бројачи).

1 час Ден 2
IV – Софтвер кај програмабилните логички управувачи;

1. Скенирачки циклус;

2. Основи на скалеста логика (ladder logic):

– тек на логика и на инструкции;

– NO и NC контакти, излезни намотки, инверзија;

– растерчки и опаѓачки раб, set и reset инструкции;

– И/ИЛИ оператори, тек на програма;

3. Запознавање со софтверот GX Works 2:

– инсталација и параметризирање на софтверот;

– поврзување со ПЛУ и негово конфигурирање;

– креирање на нов проект;

– програмирање на ПЛУ;

– online надгледување на работата на поврзаното ПЛУ;

– изработка на документација во GX Works 2 (коментари, забелешки, алијаси);

– дијагностика на ПЛУ.

3 часа
V – Напредни концепти на програмирање на ПЛУ;

1. Тајмери:

– адресирање и мемориска алокација;

– тајмери со и без меморија;

– временски бази;

– иницијализација, повикување, инструкции;

– имплементација на различни конфигурации на тајмери: On-Delay, OFF-Delay, Flip-Flop, One-Shot, One-Shot-Fixed, Cascade, Teaching Timer (мерач на време);

2. Бројачи:

– адресирање и мемориска алокација;

– бројачи со и без меморија;

– унидирекционални и бидирекционални бројачи;

– бројачи за брзопроменливи влезови (high-speed counters);

– иницијализација, повикување, инструкции, ресетирање;

– имплементација на различни конфигурации на бројачи: броење нагоре, броење надолу, достигнување на барана вредност од горе, достигнување на барана вредност од долу;

3. Програмирање на примери со тајмери и бројачи:

– пример со паркинг;

– пример со подвижна лента за транспорт и полнење на шишиња;

4. Команди за работа со регистри:

– пренос: MOV, BMOV, FMOV, DMOV, DEMOV;

– споредба: CMP, DCMP, DECMP, ZCP, DZCP, DEZCP;

– аритметички операции: ADD, SUB, MUL, DIV, INC, DEC;

– претворба: BIN, BCD, FLT, DFLT, INT, DINT, NEG, DNEG, DENEG;

– поместување: SFTL, SFTR, WSFL, WSFR;

– тек на програма: JUMP, CJ, END, FEND, CALL, SUBROUTINE, SRET;

5. Програмирање на примери со работа со регистри:

– пример со паркинг;

– пример со подвижна лента за транспорт и полнење на шишиња;

6. Команди за специјални функции и модули:

– работа со аналоген влез (пример);

– работа со аналоген излез (пример);

– инструкции за комуникација со модули: FROM, DFRO, TO, DTO;

7. Вмрежување на ПЛУа, основни концепти за SCADA системи;

8 часа Ден 3, Ден 4
VI – Решавање на проблеми за проверка на знаењето.

            За да се стекнат со сертификат и потврда за познавање на работата со и програмирањето на програмабилни логички управувачи, слушателите во рамките на оваа тема ќе треба успешно и самостојно да решат проблеми кои ќе ги опфатат сите претходно изучени елементи.

4 часа Ден 5

Обуката ќе се спроведува во Лабораторијата за програмабилни логички управувачи и SCADA на Факултетот за електротехника и информациски технологии, со програмабилни логички управувачи во производство на Mitsubishi и Siemens.

Лабораторијата е опремена со 8 работни места. Секое од нив се состои од:

– програмабилен управувач FX3GE на Mitsubishi;

– програмабилен управувач S7-300 или Ѕ7-1200 на Siemens;

– програмабилен екран на допир GOT1000 на Mitsubishi;

– фреквентен регулатор FR-D700 на Mitsubishi;

– макета на производствен процес составена од подвижна лента, сензори, копчиња, потенциометри, аналогни и дигитални влезови и излези;

– целосно опремен персонален компјутер, со стабилна интернет конекција;

– лиценциран софтвер за програмирање на Mitsubishi управувачи – GX Developer;

– лиценциран софтвер за програмирање на Siemens управувачи – TIA Portal.

Лабораториските услови многу блиску ги симулираат реалните услови во кои инженерите и техничарите работат во секојдневието на индустриската автоматика.