Институт за електротехника, електротермија и електрични возила

Во периодот 2009 – 2019 г. Институтот за електротехника, електротермија и електрични возила (ИЕЕТЕВ) продолжува со својата дејност во високото образование и научно – апликативно истражување од областа на основи на електротехниката, електротермиски процеси, електромагнетна компатибилност и влијание на електромагнетните полиња врз околината, електрично заварување, електричен сообраќај, почисто производство и енергетска ефикасност.

Наставно – научните активности на ИЕЕТЕВ се одвиваат во рамки на Лабораторијата за основи на електротехника. Во изминатиов период Лабораторијата за електротермија престана да се користи за наставно – научна дејност а просторот во кој таа беше сместена е пренаменет и во него во 2018 година е формиран ИНОФЕИТ. Лабораторијата за електромоторни погони која кус период беше во составот на Институтот во меѓувреме се одвои и продолжи да работи во рамки на Институтот ЕМТА.

Во моментов кадарот на ИЕЕТЕВ го сочинуваат: проф. д-р Весна Арнаутовски – Тошева – раководител на Институтот, проф. д-р Снежана Чундева, доцент д-р Благоја Марковски, виш технички соработник м-р Љупчо Карајановски и доцент д-р Владимир Ѓоргиевски.

проф. д-р М. Кацарска; д-р В. Ѓоргиевски; м-р Б. Марковски; проф. д-р С. Чундева;
проф. д-р В. Арнаутовски – Тошева, м-р Љ. Карајановски (од лево кон десно)

Историјата на ИЕЕТЕВ започнала со почетоците на Техничкиот факултет во Скопје бидејќи некои од дисциплините, како на пример предметите Основи на електротехника 1 и 2 и предметот Eлектротермија, кои се негуваат на овој Институт спаѓаат меѓу првите дисциплини изучувани на Факултетот.

Како први кадри кои ги поставиле темелите на наставно – научната и истражувачко – апликативна дејност на Институтот се  проф. д-р Екатерина Чундева – Галиќ (in memoriam)  и проф. д-р Стојан Чундев  (in memoriam). Во изминатите години во ИЕЕТЕВ работеле и дале значаен придонес во наставно – научната и апликативна дејност: aкадемик проф. д-р Леонид Грчев; проф. д-р Панчо Врангалов; проф. д-р Марија Кацарска; проф. д-р Никола Чекреџи (in memoriam); проф. д-р Велимир Филипоски (in memoriam) ; инж. Стојан Николовски, виш технички соработник. Во одреден период во наставно – научната дејност на ИЕЕТЕВ работеле проф. д-р Коста Митрески; проф. д-р Слободан Мирчевски; вон. проф. д-р Андреја Наумоски; и д-р Спасе Петкоски.

Во рамки на наставната дејност наставниците и соработниците од ИЕЕТЕВ покриваат предмети од првиот циклус студии, од базичните области Основи на електротехника и Основи на електрични кола кои ги слушаат студентите од прва година од сите студиски програми, како и предмети на повисoките години од студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија – ЕАОИЕ. На вториот циклус студии наставниците од ИЕТЕЗЕС покриваат предмети од областите на електромагнетна компатибилност, нумеричко моделирање на електромагнетните појави, енергетска ефикасност, почисто производство и регулатива, првенствено на студиската програма Енергетска ефикасност, животна средина и одржлив развој – ЕСОР, но и на други студиски програми. Целта на студиската програма е да се оспособи водечки високостручен инженерски кадар компетентен за истражување, развој, проектирање и примена на сложени интердисциплинарни проекти во областите на енергетска ефикасност, влијанието на електричната енергија врз животната околина и одржливиот развој. Истовремено, наставниците се вклучени во работата на третиот циклус студии во рамки на студиска програма Електротехника и информациски технологии.

Издавачката дејност на ИЕЕТЕВ во изминатиов период остварува континуитет во издавање на: учебни помагала, скрипти, збирки задачи за аудиториски вежби, напатствија за лабораториски вежби, интерни електронски материјали, и друго.

Во изминатиов десетгодишен период, членовите на ИЕЕТЕВ продолжуваат со интензивна научно – истражувачка дејност, при што тие се јавуваат како носители или учесници на повеќе домашни и меѓународни научно – истражувачки проекти. Меѓу поважните проекти финансирани од домашни институции спаѓаат:  „Електромагнетни влијанија, методи на анализа и заштита, Л. Грчев, МАНУ (2010 – 2012); „Имунитет на опремата и инсталациите на напонски пропади, С. Чундева, ФЕИТ (2011 – 2012); „Електромагнетни појави  во слоевити средини, Л. Грчев, МАНУ (2013-2015); „Eлектромагнетно моделирање на преодни појави во комплексни системи, Л. Грчев, МАНУ (2016 – 2018); „Изведба на електрично возило, С. Чундева, УКИМ (2015-2018).

Во групата на меѓународни проекти во кои раководители / координатори од страна на ФЕИТ се членови на ИЕЕТЕВ се издвојуваат:  „MEns – Meeting of Energy Professional Skills, М. Кацарска, Horizon 2020, (2015 – 2017); „PV-ESTIA – Enhancing storage integration in buildings with Photovoltaics, М. Кацарска, Interreg TNCP Balkan – Mediterranean 2014 – 2020, (2017 – 2019). Исто така, членови на Институтот во изминатиов период се јавуваат како координатори / учесници и во други меѓународни проекти од кои се издвојуваат: „Wind energy technology reconsideration to enhance the concept of smart cities, С. Чундева, COST Action TU1304 (2014 – 2018); „A pan-European Network for Marine Renewable Energy, С. Чундева, COST Action CA17105 (2018 – 2011); „Modelling of electromagnetic transients and PLC energy services, В. Арнаутовски – Тошева, FP7 Marie Curie Actions (2010 – 2012).

Научно – истражувачката работа на членовите на Институтот во областите од интерес во периодот 2009 – 2019 годна резултира со 18 труда објавени во меѓународни списанија со фактор на влијание, 15 труда во меѓународни списанија, како и со над 60 труда објавени на значајни домашни и меѓународни конференции. Тука се издвојуваат и 2 труда објавени во: Lightning Protection of Medium Voltage Networks, Technical Brochure CIGRÉ, и Computer Field Models of Electromagnetic Devices, IOS Press. Од списанијата со фактор на влијание (IF) поважни се: IEEE Trans. on Power Delivery, IEEE Trans. on Magnetics, IEEE Trans. on Electromagnetic Compatibility, IEEE Trans. on Industry Applications,  International Journal for Computation and Mathematics in Electrical and Electronic Engineering – COMPEL, Automatika. Од меѓународните списанија се издвојуваат: Facta Universitatis Series, Electrotechnica & Electronica, Electra, Renewable Energy & Power Quality Journal, Scientific Journal Safety Engineering, Przeglad Elektrotechniczny. Од меѓународните конференции на кои членовите од ИЕТЕЗЕС презентирале и објавиле свои трудови се издвојуваат оние организирани од IEEE: International Symposium on Power Line Communications and its Applications (ISPLC), International Conference on Applied Electromagnetics and Communications (ICECom), International Conference on Electromagnetics in Advanced Applications (ICEAA), International Conference on Smart Tehcnologies (EUROCON), European conference on Electromagnetic Compatibility (EMC Europe), International Power Electronics and Motion Control Conference (EPE-PEMC); како и меѓународните конференции: International Conference on Lightning Protection (ICLP), Mediterranean Conference on Power Generation, Transmission, Distribution and Energy Conversion (MEDPOWER), Progress in Electromagnetics Research Symposium (PIERS), International Conference on Applied Electromagnetics (ПEC), International Symposium on Electromagnetic Fields in Mechatronics, Electrical and Electronic Engineering (ISEF), Advanced Electromagnetics Symposium (AES), European Conference on Antennas and propagation (EuCAP), Colloque International sur la Compatibilité ElectroMagnétique (CEM), European Conference on Electromagnetics (EUROEM) и други.

Поголемиот дел од членовите на ИЕЕТЕВ се истовремено и членови на СИГРЕ Македонија во рамки на студискиот комитет Ц3 – Електроенергетски системи и животна околина, како и членови на други меѓународни инженерски здруженија (IEEE).

ИЕЕТЕВ остварува соработка со стопанството во повеќе области: нумерички пресметки на електромагнетни полиња од различни извори и во различни средини, мерења и анализи на електромагнетното поле врз околината, мерење на најважните параметри на животната и работната средина со посебен осврт на нејонизирачките зрачења, како и примена на регулативите во областа на животната средина, почисто производство и енергетска ефикасност, интегрирање на превентивни стратегии при планирањето и развојот на индустриското производство за намалување на причините за загадување на животната средина предизвикани од производните процеси и рационализација на потрошувачката на енергија и суровински материјали.