Лабораторија за автоматика и системско инженерство

Почетоците на Лабораторијата за автоматика и системско инженерство (Лабораторија за АСИ) датираат од 1967. година кога на eлектротехничкиот отсек на Електромашинскиот факултет во Скопје се формирани неколку нови лаборатории, меѓу кои и Лабораторијата за електроника и автоматика. Во 1972. година Лабораторијата за електроника и автоматика е поделена на две лаборатории: Лабораторија за електроника и Лабораторија за автоматика, во чиј состав тогаш е и сметачкиот центар. Од 1982. година, со формирањето на Заводот за автоматика, Лабораторијата за АСИ станува негов составен дел, а од 1994. година па сѐ до денес Лабораторијата за АСИ е составен дел на Институтот за АСИ. Заедно со Институтот за АСИ, Лабораторијата за АСИ е единствената институција во Р. Македонија која нуди едукација во полето на автоматиката и системското инженерство. Меѓу другите, во основни дејности на Лабораторијата спаѓаат: наставната, научно – истражувачката и апликативната дејност. Во 2016. година, Лабораторијата е проширена и со осум комплетни работни станици со програмабилни логички управувачи вмрежени во SCADA систем.

Во Лабораторијата се изведуваат лабораториски вежби од: областа на теоријата на системи, управување, моделирање и компјутерски симулации, вештачка интелигенција, роботика, невронски мрежи, фази – логика, хардверски и софтверски аспекти во компјутерското инженерство, симулација на алгоритми за естимација и оптимизација, примена на микроуправувачите во управувачките контури, управување на производни и индустриски постројки и процеси (програмабилни логички управувачи, SCADA системи), компјутерско интегрирано производство, дистрибуирано водење и далечинско управување, итн.. Знаењата добиени на овој начин се применуваат во изработка на практични проекти во текот на студирањето.

Покрај за додипломските студии, Лабораторијата за АСИ овозможува да се изведуваат најразлични симулации, тестирања и испитувања на технички и нетехнички комплексни динамички системи во рамките на магистерските и докторските студии на Институтот за АСИ. Исто така, оваа лабораторија се користи и за истражувања во рамките на домашните и меѓународните проекти во кои учествува Институтот за АСИ, а и за спроведување на курсеви за усовршување на инженерите од индустријата, каков што е курсот за програмирање на програмабилни логички управувачи со помош на SIMATIC – STEP 7.

Во однос на хардверската опрема, Лабораторијата располага со: 22 персонални компјутера; 5 лабораториски платформи со програмабилни логички управувачи од фирмата Siemens; 10 програмабилни управувачи од фирмата Mitsubishi; 2 програмабилни управувачи од фирмата Unitronix; 2 програмабилни логички управувачи од фирмата Allen Bradley; 18 платформи за програмирање и симулација на работата на PIC микроуправувачи; 10 платформи за вмрежени програмaбилни логички управувачи и SCADA, 6 платформи за работа со микро инерцијални сензори, 6 платформи за работа со микрометарски грипери; 2 лабораториски табли опремени со различни уреди за контрола на пристап; 3 GSM / GPRS модема; 1 GSM / GPRS модем наменет за комуникација со програмабилен логички управувач; 1 уред за RFid пристап; 2 модема за радиокомуникација; 1 компјутерски управувачки уред – eduPLC (урнек од серијата на педесет вакви уреди изработени во рамките на проектот „Develop Computer Control Kits for Vocational School” (2009 – 2010, помеѓу USAID и УКИМ – ФЕИТ – ИАСИ); управувачки серво систем ES130; и многу хардверски и софтверски склопови и системи изработени во рамките на дипломски, магистерски и докторски проекти, а кои се користат за илустрација на управувачките контури на различни процеси.

Во однос на софтверските платформи, за најголем дел од лабораториските вежби, изработката на студентските проекти, како и истражувачките активности на постдипломските студии се користат: програмскиот пакет MATLAB, SIMATIC Step 7, SIEMENS TIA Portal, Simatic WinCC flexible, Simatic WinCC, Mitsubishi GX Developer, Mitsibishi MAPS SCADA, Unitronics Visilogic, MikroC, MPLAB и други.

Лабораторија за АСИ
Роботска рака и управувачки ормар изработени во Лабораторијата за АСИ
Отворен ден во Лабораторијата за АСИ

 

Работни станици за студенти за PLC и SCADA системи
Двоножен робот кој препознава бои. Студентски проект, добитник на сребрен медал на изложбата „ИЗУМИТЕЛСТВО – БЕЛГРАД”
Самостојна изведба на CNC машина, на студенти од насоката КСИАР