Лабораторија за електрични машини, трансформатори и апарати

Лабораторијата за електрични машини, трансформатори и апарати (ЛЕМТА) функционира во склоп на Институтот за електрични машини, трансформатори и апарати.

Таа е првата формирана лабораторија на Факултетот, уште како електромашински оддел во рамките на Техничкиот факултет. Почетната опременост на Лабораторијата била скромна, со само неколку машини за еднонасочна струја, неколку трансформатори, како и неколку асинхрони мотори. Потоа, Лабораторијата е доопремена со синхрони машини и две динамоваги за мерење на моментот на електричните мотори. Во седумдесеттите години, набавени се две мотор – генераторски групи, од кои едната е универзална машина со повеќе различни изведби на ротори, при што со нивна промена се добиваат разни видови колекторски синхрони и асинхрони машини. Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години, ЛЕМТА претставува една од најопремените и најсовремените лаборатории. 

Во 2005. година, во рамките на TEMPUS – проектот, набавена е лабораториска мерна опрема. За таа цел, Лабораторијата е целосно реновирана и во неа се инсталирани нови компјутеризирани мерни пултови за испитување мали и специјални електрични машини од производителите TQ од Велика Британија и Lab – Volt од Канада. Опремата се состои од мерни места во чиј состав се вклучени извори на напојување со можност за добивање регулиран еднонасочен, еднофазен и трифазен наизменичен напон, како и: еднонасочен мотор / генератор, синхрон мотор / генератор, трифазен асинхрон мотор со кафезен ротор, универзален мотор, еднофазен кондензаторски асинхрон мотор, еднофазен асинхрон мотор со засечени полови, селсини, релуктантен мотор, чекорен мотор, линеарен мотор, еден исправувач, еден инвертор и други електрични машини.

Последниве неколку години, во Лабораторијата започнат е процес на модернизација и осовременување на голем дел од лабораториската опрема, како и набавка на нова опрема чиј примарен фокус се обновливите извори на енергија (ОИЕ) и енергетската ефикасност. Модуларноста на новите дигитални инструменти и современите методи на испитување, компатибилни со применетите стандарди во техничките универзитети во Европа, придонесуваат образовниот процес да е во согласност со европското образование. Со модернизацијата на лабораторијата, се зголемува безбедноста при работата, а се овозможува и интеракција помеѓу применетите симулациски софтверски пакети и експерименталните постапки.

Во Лабораторијата за електрични машини, трансформатори и апарати (ЛЕМТА) се реализираат и развиваат трите основни дејности на Универзитетот и Факултетот, како што се образовната, научно – истражувачката и апликативната дејност.

Во рамките на наставниот процес, Лабораторијата ги развива дисциплините поврзани со електричните машини, трансформатори и апарати. Во Лабораторијата се изведуваат лабораториски вежби по сите предмети од областа на електрични машини, трансформатори и апарати, како и од областа на енергетските преобразувачи и обновливите извори на енергија.

Покрај мерната опрема која се користи во наставата, ЛЕМТА располага и со современи инструменти кои се користат за научно – истражувачката и апликативна дејност во областа на електричните машини, трансформатори, апарати, енергетски преобразувачи и обновливи извори на енергија.

Досегашни раководители на Лабораторијата за електрични машини, трансформатори и апарати биле: проф. Станимир Јовановски (in memoriam), проф. Дионис Манов (in memoriam), проф. Дамјан Христовски (in memoriam), проф. Лидија Петковска, проф. Гога Цветковски и проф. Горан Рафајловски. Во моментов, раководител на Лабораторијата е проф. Крсте Најденкоски.

Мерна опрема за користење на обновливите извори на енергија
Мерна опрема наменета за испитување на малите и специјални електрични машини
Мерна опрема наменета за испитување во областа на малите и специјални електрични машини

Автономен ветрогенераторски систем наменет за испитувања во областа на ОИЕ

Мерна опрема наменета за испитување во областа на електричните машини и трансформатори

Електричен автомобил – картинг