Лабораторија за електромоторни погони

Лабораторијата за електромоторни погони (ЛЕМП) е формирана во осумдесеттите години на минатиот век, во рамките на Институтот за индустриска електроенергетика, а извесен период била дел и од Институтот за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај. ЛЕМП е формирана во периодот кога се создадени просторни можности, со надградба на анекс – зградата на тогашниот Електротехнички факултет. Денес, почнувајќи од 2015. година, а поради сродноста на областите коишто ги проучуваат, ЛЕМП припаѓа на Институтот за електрични машини, трансформатори и апарати, кој е одговорен за наставата на студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија.

ЛЕМП врши повеќе дејности – наставна, научно – истражувачка и апликативна. Уште при формирањето, остварена е тесна соработка со соодветните лаборатории на Универзитетите во: Ерланген, Загреб, Нови Сад и Софија. Концепцијата за создавање на Лабораторијата од аспект на видот на опремата, нејзиниот распоред и слично, направена е во периодот по студискиот престој на Слободан Мирчевски на Универзитетот во Ерланген во 1984. година. Од нејзиното оформување, па до денес, раководители, а воедно и заслужни за успешното функционирање на Лабораторијата се: проф. д-р Тодор Јакимов, проф. Благој Димитров, проф. д-р Слободан Мирчевски, асист. м-р Здравко Андонов и доц. д-р Михаил Дигаловски. Основач на ЛЕМП е проф. Тодор Јакимов, кој во еден мандат бил и декан на Електротехничкиот факултет. За извршување на дејностите во Лабораторијата, ангажирани се и неколкумина технички соработници: прво Димитрије Дилевски, потоа Борис Рошков и до почетокот на 2009. год., м-р Љупчо Карајановски. Од 2017. година, за покривање на наставата по предметите што ги покрива ЛЕМП, одговорен е доц. д-р Михаил Дигаловски, додека за одржувањето лабораториски вежби во ЛЕМП, одговорни се демонстраторот Иван Темелковски и техничкиот соработник м-р Љупчо Карајановски.

Преку ЛЕМП, изработени се и повеќе проекти за технолошки развој вклучувајќи употреба на меко пуштање за асинхроните мотори, развој на програмски логички управувач за лифтови и друго. Апликативната дејност на Лабораторијата, првенствено, се состои во интервенции при дефекти, проектирање и модернизација на електромоторните погони, а корисници биле најчесто фирми од земјава. Функционирањето на ЛЕМП се темели на вградената опрема, која во првите години од нејзиното формирање е на високо ниво на технолошки развој, за што сведочи и фактот дека уште во 1988. год. е набавен логички управувач од типот AEG Modicon A020. Во наредните години, набавени се уште неколку инструменти и уреди, кои претставуваат опрема специфична за оваа лабораторија, а во која спаѓаат уредот за оптоварување со различни статички моменти зависни од брзината на вртење, тахометарот C. A, кој има можност за меморирање податоци, преносниот FLUKE 105 Scopemeter Series II, 100 MHz, како и претходно спомнатата донирана опрема од SIEMENS, ABB и DANFOSS.

Почнувајќи од 2015. година, па сè досега, под раководство на актуелниот раководител на Лабораторијата за електромоторни погони, доц. д-р Михаил Дигаловски, започнато е нејзино осовременување и обновување. За таа цел, голем дел од лабораториските вежби коишто се изведуваат – се модифицираат, така што релејно – контакторското управување се заменува со програмските логички управувачи. Во тек е набавка на нови инвертори за регулација на брзината на асинхроните мотори и подготовка на нови лабораториски вежби.

Пуштање во работа на асинхрон мотор (лево) и регулација на брзината на мотор на еднонасочна струја (десно)
Микроконтролерски уред за управување лифтови
Програмабилен логички управувач SD 811 од фирмата ABB