Лабораторијата за електроника, своевремено како Лабораторија за електроника и автоматика, е формирана во 1967. година на Техничкиот факултет во Скопје. Денес, Лабораторијата за електроника е во склоп на Институтот за електроника и се наоѓа во Анексот на ФЕИТ. Лабораториските вежби од додипломските наставни програми се изведуваат во просторија во која има 10 работни маси (за 20 студенти), целосно опремени со базичните електронски мерни уреди, осцилоскоп, функциски генератор, мултиметар, регулиран извор на напојување и персонален компјутер со кој се симулира поведението на електронските кола пред тие хардверски да се реализираат. Работните места за студентите се позиционирани оптимално за работа во тимови, а просторијата е опремена и со наставно дидактички средства и презентациски помагала. Покрај реалната мерна опрема, секоја работна маса е опремена и со виртуелна мерна околина која го претвора персоналниот компјутер во алатка за генерирање, мерење, снимање и анализа на сигналите и појавите кои настануваат во електронските кола. Постоењето на виртуелна мерна околина овозможува голема флексибилност во осмислувањето на лабораториски вежби со кои на студентите најдобро им се доловуваат концептите од материјалот. Сепак, таа се користи како дополнување, а не како замена на класичната мерна околина. Студентите се изложуваат на двата пристапа, со цел да ги спознаат предностите и ограничувањата на секој од нив.
Лабораторијата за електроника е високо искористена во наставниот процес на ФЕИТ. Во просек годишно низ Лабораторијата поминуваат над 300 студенти, а од наставниот кадар се реализираат над 500 училишни часа лабораториски вежби. Лабораториските вежби се клучна алка во образованието на инженерите во областа на електрониката и затоа тие се застапени во речиси сите предмети од наставната програма Компјутерско хардверско инженерство и електроника. Лабораторијата организира и лабораториски вежби по предмети кои се држат на останатите насоки на ФЕИТ, а ги опслужува Институтот за електроника. Практично секој студент запишан на ФЕИТ во некоја фаза од неговите студии има прилика да запише предмет кој предвидува изработка на лабораториски вежби во Лабораторијата за електроника.
Покрај просторијата за додипломски лабораториски вежби, во рамките на Лабораторијата постои и уште една помала просторија за работа на проекти и развој. Таа брои 4 работни маси (за 8 студенти) опремени со напредна опрема и инструментација. Во оваа просторија студентите од повисоките години работат на своите семинарски и проектни задачи, дипломски работи и магистерски тези, бараат совети од поискусните колеги, како и од кадарот при Институтот. Освен за проектите од наставата и дипломските работи, просторот за работа на проекти и развој е целосно опремен и за научно – истражувачка и апликативна дејност од областа електроника. Покрај стандардната лабораториска опрема (извори за напојување, мултиметри, генератори на сигнали, дигитални мемориски осцилоскопи) овде можат да се најдат и софистицирани инструменти кои се користат во напредната електроника, како што се логички анализатори, топловоздушни лемни станици, изолациски трансформатори, развојни околини за микроконтролери, наменски микропроцесори, PLD / FPGA компоненти, вградливи мини компјутери (Raspberry Pi), наменски плочи за процесирање на сигнали и друго.
Лабораторијата за електроника има долгогодишна успешна соработка со повеќе стопански субјекти, меѓу кои треба посебно да се истакне соработката со фирмите Seavus, Микросам и Логинг Електроникс, кои во многу наврати материјално и нематеријално ја поддржале Лабораторијата и придонеле во нејзиниот напредок и развој.
Во склоп на Инситутот за електроника функционира и посебна акустички обработена просторија: говорно студио. Студиото е реализирано во рамки на проектот SCOPES Project on Speech Prosody (2014 – 2016). Опремено е со високо – квалитетен микрофони, дигитални аудио интерфејси, мониторски звучници и студиски слушалки.