Лабораторијата за процесирање сигнали е формирана во 2009. година во рамките на Институтот за електроника како дел од проектот „Магистерски студии по ДПС базирани на комбиниран начин на учење” финансиран од програмата Tемпус. Лабораторијата е предвидена за изведување наставни дејности од областа на процесирање сигнали, пред сè за лабораториски вежби, изработка на семинарски, дипломски и магистерски трудови. Освен за наставна дејност, Лабораторијата се користи и во научно – истражувачки и апликативни цели во рамките на разни домашни и меѓународни проекти.
Основните цели на оваа Лабораторија се да се овозможи што подобро совладување на основните концепти во процесирањето на сигнали со помош на компјутерски симулации и соодветен хардвер; да им се овозможи на студентите запознавање со и користење опрема за ДПС која е погодна за процесирање на сигнали во реално време; да се потенцира широкиот опсег на ДПС апликации со помош на практични вежби во области како: процесирање на слики и видео, процесирање на аудио и говор, машински вид, дигитална контрола, комуникации и слично. Со други зборови, студентите добиваат убава можност да имплементираат практични алгоритми за процесирање сигнали на современи ДПС процесори во реално време. Освен ова, преку формирањето на оваа лабораторија е создаден простор за поддршка на научно – истражувачката и апликативна работа во оваа област.
За остварување на овие цели Лабораторијата располага со специфична опрема, вклучувајќи: 10 x NI ELVIS II инструментациски платформи за анализа и дизајн на електронски кола; 10 x NI SPEEDY-33 платформи за развој на ДПС апликации; 10 x TI TMDSDSK5510 платформи за развој на DSP апликации; 10 x Freescale MC56F8037EVM микроконтролери; 2 x TMDSDSK6437 и 2 x TMDSDSK6713 платформи за развој на мултимедиски апликации; Осцилоскоп Tek TDS2022B и функциски генератор TTI TG2000; NI Labview софтвер. Опремата е наменета за дизајн и имплементација на апликации на ДПС процесори и микроконтролери.
Лабораторијата е опремена и со современа опрема која овозможува примена на напредни техники за изведување на наставата. На располагање се 10 персонални компјутера и два видеопроектора, телевизиски сет и видеоконференциска камера, видеосервер, документна камера и безжична и гигабитна LAN мрежа.