Лабораторија за процесирање на сигнали во телекомуникациите

Лабораторијата за процесирање на сигнали во телекомуникации е формирана во 2011. година во рамките на проектот на Владата на РМ за набавка и опремување на лаборатории на јавните високообразовни установи, а подоцна е приклучена опрема донирана од компанијата Texas Instruments (TI), опрема набавена од NATO SPS проектот „Радар за продирање во земја интегриран со хексакоптер за автоматска детекција на мини” и друга опрема. Раководител на лабораторијата e проф. Венцеслав Кафеџиски.

Лабораторијата располага со: векторски сигнален генератор и дигитален осцилоскоп од компанијата Rohde&Schwarz, обата со фреквенциски опсег до 3 GHz, сигнален анализатор Keysight со фреквенциски опсег до 3.6 GHz и спектрална анализа во реално време, два Xilinx Kintex-7 FPGA базирани уреди за софтверски дефинирано радио (SDR) на компанијата National Instruments (NI) со опсег до 6 GHz, 3 SDR платформи и видео платформа на компанијата Sundance, 2 NI SDR вградливи платформи, 12 DSP и 2 видео TI развојни платформи, 10 TI сензорски RF платформи, две HP Z440 работни станици, персонални компјутери, Raspberry Pi микрокомпјутери, камери и микрофони.

Лабораторија за процесирање на сигнали во телекомуникации

Основна намена на лабораторијата е научно – истражувачка работа, изведување на лабораториски вежби, изработка на дипломски, магистерски и докторски трудови, развој на прототипови на нови телекомуникациски и радарски уреди и градба на емулациски тестбеди. Во лабораторијата се имплементираат алгоритми за процесирање на сигнали кај мобилни целуларни (LTE, 5G), WLAN и радарски системи, вклучително модулациски техники и техники на заштитно кодирање, MIMO и интелигентни антени, алгоритми за процесирање и компресија на говор, аудио, видео и IoT сигнали.

Истражувачките активности на лабораторијата вклучуваат естимација на безжични канали, примена на компримирано земање на примероци во безжични комуникации, радари и магнетна резонанца, кооперативни и масивни MIMO и системи со релеа, естимација на агол на доаѓање, пренос на видео преку канали со фединг и дизајн на радари.