Лабораторија за висок напон

Лабораторијата за висок напон (ЛВН) е формирана 1967. година и му припаѓа на Институтот за ПЕЕС. Нејзин прв раководител бил проф. д-р Александар Величковски, а како раководители се јавуваат: проф. д-р Ристо Миновски (1972 – 2006. година), проф. д-р Ристо Ачковски (2006 – 2017 година), проф. д-р Мирко Тодоровски (2017 – 2023) и вонр. проф. Јорданчо Ангелов (2023 до денес).

Во оваа лабораторија, паралелно се одвиваат следните видови на дејности: наставна, научно – истражувачка и апликативна дејност. За таа цел ЛВН е конципирана да ги постигне следните цели: да обезбеди квалитетен наставен процес од наставно – научната област техника на висок напон за студентите од електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, да врши научно – истражувачки проекти од доменот на примена на јаки електрични полиња, да нуди и реализира услуги на стопанските организации.

Во поглед на наставниот процес кој се реализира на ФЕИТ, ЛВН зазема активно учество во образувањето на студентите од областа на јаките електрични полиња, односно од областа на високите напони. Студентите имаат можност преку користење на опремата во ЛВН, да направат низа експерименти за потврда на теоретските сознанија, кои ги добиваат при наставниот процес. Резултатот на тоа се големиот број на дипломски и магистерски работи, како и неколку докторски дисертации.

За да се одржува ЛВН на високо ниво, свој придонес дава и кадарот, кој се јавува како автори / коавтори на голем број научни трудови објавени во списанија со фактор на влијание и на разни меѓународни и домашни советувања и конференции од областите: атмосферски и внатрешни пренапони, координација на изолација, високонапонска мерна техника, искуства од експлоатација на опремата во ЕЕС, изолациони системи на опремата и друго.

Паралелно со одвивањето на наставниот процес и едукацијата на идните инженери во доменот на високите напони, во рамките на додипломските и постдипломските студии на Факултетот, како и за потребите на стопанството, во изминатиот период е вршен и голем број на научно – истражувачки проекти. Во ЛВН се вршени низа на лабораториски истражувања во доменот на изолационите конструкции на елементите од ЕЕС, кои имаат за цел да овозможат подобрување на карактеристиките и материјалите за производство на домашните производители на електротехничка опрема.

Во рамките на дејноста на лабораторијата спаѓа и апликативната дејност. Во изминатиот период се реализирани голем број проекти, преку кои се проценува состојбата на изолационите системи на речиси сите генератори од ЕЕС на Република Македонија, на енергетските и мерните трансформатори, кондензатори, кабли, водови, одводници на пренапони и др.. Со тоа е постигнато, преку однапред испланирана и дефинирана зачестеност на таквите испитувања и анализи, наменски да се следи најосетливиот дел од опремата и притоа, навремено да се интервенира, со што се обезбедува програмиран пристап при ревитализација и спречување на непредвидливи хаварии и испади на елементите од ЕЕС. Како главни партнери на ЛВН, во областа на профилактичките испитувања, се јавуваат: ЕЛЕМ – Електрани на Македонија, ЕВН Македонија и други стопански субјекти од областа на енергетиката во Република Македонија.

Квалитетот со кој поседува лабораторијата за висок напон е препознаен и преку учеството во акредитираното тело за инспекција, кое функционира во рамките на ФЕИТ, како и поседувањето на лиценца од Министерството за економија. Успешното реализирање на проектите од апликативната дејност се должи на опремата која ја поседува ЛВН, која претставува високо професионална мерна опрема. Заради одржување на постојното ниво на лабораторијата и нејзино подобрување, постојано се врши освежување на постојаната и набавка на нова мерна опрема. Параметрите на основната испитна опрема се избрани така што ги задоволуваат стандардните испитни напони според IEC71-1 за електроенергетската опрема со најголем напон на мрежата 123 KV.

Вежби во Лабораторијата за висок напон