КОНКУРС за студентски мобилности во рамки на програмата ЕРАЗМУС+

Објавено: март 23, 2026

 

 

УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ” ВО СКОПЈЕ објавува

 КОНКУРС

 за студентски мобилности во рамки на програмата ЕРАЗМУС+

 

АКЦИЈА 1: ИНДИВИДУАЛНА МОБИЛНОСТ ЗА СТУДЕНТИ 

 

за зимскиот семестар во академската 2026/2027 година

 

Во рамки на програмата ЕРАЗМУС+ KА131 на Европската комисија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје распишува конкурс за доделување стипендии за индивидуална мобилност за студенти на високообразовните институции во програмските држави:

  • државите членки на ЕУ;
  • државите членки на ЕФТА кои се и членки на ЕЕО (Норвешка, Исланд и Лихтенштајн);
  • Република Србија и Република Турција.

Конкурсот е отворен за:

  • 15 студентски мобилности за студирање

 Времетраење на студентска мобилност за студирање: еден семестар (зимски семестар)

Право на пријавување

Редовни студенти на: 

  • прв циклус студии, со најмалку завршена прва година на студии, односно запишан трет   семестар;    
  • втор циклус студии;
  • трет циклус студии.

Мобилноста се остварува во рамки на потпишани Еразмус+ договори меѓу УКИМ и високообразовни институции во програмските држави. (Види листа на Еразмус+ договори)

Потребни документи за мобилност на студенти

Сите документи за аплицирање се достапни на интернет-страницата на Универзитетот: https://ukim.edu.mk/studenti/studentski-mobilnosti/erazmus/ или интернет-страницата на факултетот:

  • пополнет формулар за пријавување (Student Application Form);
  • уверение за положени испити на македонски јазик;
  • уверение/диплома за познавање на англиски јазик или јазикот на кој се изведува наставата на ЕУ-универзитетот, издадена од признат центар/школа за странски јазици;
  • уверение за редовен студент – запишан семестар/година (на македонски јазик);
  • кратка биографија (Europass model);
  • мотивациско писмо.

Задолжително:

  • договор за студирање (Learning Agreement for studies), во кој се утврдува програмата за студирање, потпишана и одобрена од страна на студентот, матичниот факултет/Еразмус+ координаторот и факултетот во странство (минимум 20 ЕКТС – максимум 30 ЕКТС).

Кандидатите за студентска мобилност, за студирање, лично ја поднесуваат апликацијата во три примероци до Еразмус+ координаторот на факултетот/институтот каде што студираат, најдоцна до 17 април 2026 година. 

(Еден примерок за Еразмус+ коррдинаторот, еден примерок задржува студентот и еден примерок се доставува до Ректоратот на УКИМ) 

(Види листа на Еразмус+ координатори по факултети).

 Селекција на кандидатите

Првичната селекција/рангирање на кандидатите ја прави факултетот/институтот согласно со следниве критериуми: 

  • академски успех;
  • познавање на англиски јазик или јазикот на кој се изведува наставата; – мотивација за реализирање на Еразмус+ мобилност.

Поради ограничениот број на мобилности на годишно ниво, а со цел поголем број на студенти да бидат вклучени во овие форми на мобилност, во процесот на селекцијата предност ќе имаат кандидатите кои претходно не користеле Еразмус+ стипендија. 

Согласно со Еразмус-повелбата за високо образование 2021-2027, при селекцијата на кандидатите ќе се води сметка за вклучување на студентите со посебни потреби и помалку можности. (Види: Инклузија (поддршка) на студенти со посебни потреби и помалку можности)

Краен рок за поднесување на рангираните апликации – студентска мобилност за студирање од страна на факултетите до Ректоратот е 24 април 2026.

Висината на стипендијата/грант за студентите изнесува 606-674 ЕУР месечно, согласно земјата во која се престојува. 

Патните трошоци и здравственото осигурување ги покриваат лично студентите.

                                     

                                        УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ” ВО СКОПЈЕ