Министерката Царовска го посети ФЕИТ кој доби поддршка од МОН за развој на двете научни лаборатории во состав на факултетот

Последна измена: декември 20, 2021
Убаво е кога наместо разни изговори дека не постојат можности или дека нема услови за вложување во развој на сопствените капацитети, во подигнување на квалитетот на наставно научниот процес во рамки на една високообразовна установа, ќе слушнеме и видиме иницијативност, континуирани заложби и изнаоѓање начини преку кои се унапредува работата на еден факултет и сиот труд вродува со успех кој е верификуван и од меѓународни инстанци.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска, при денешната посета на Факултетот за електротехника и информациски технологии во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод добиената меѓународна акредитација на студиските програми од страна на германската Агенција за акредитација по инженерство, компјутерски науки, природни науки и математика (ASIIN).
„ФЕИТ станува институција која треба да биде пример за останатите високообразовни установи во државата. Јас на раководството и наставно – научниот кадар им посакав овој квалитет кој го имаат постигнато, не само да го одржуваат, туку да продолжат да го надградуваат и така да останат национален бренд кога е во прашање стручното академско образование, но и да станат препознатливи во пошироки размери, привлекувајќи го вниманието и интересот и на странски студенти“, рече Царовска, додавајќи дека секогаш има начини како да се унапреди наставно научната дејност. Во последно време, државата ги препознава и излегува во пресрет на барањата на наставниот и научно – истражувачкиот кадар.
Ако буџетот за наука пред 3 години беше околу 250 милиони денари, годинава е речиси двојно поголем. Ќе потсетам дека, само во текот на минатиот месец, МОН преку два јавни повици додели средства за финансирање на научно – истражувачи проекти од посебен јавен интерес кои ќе ги реализираат седумте јавни научни институти во вредност од 19 милиони денари, како и 224 милиони денари кои им ги доделивме на високообразовните установи како поддршка за развој на лабораториските ресурси во 44 лаборатории. Со оваа мерка е опфатен токму и овој факултет, каде ќе се инвестира во подобрување на условите за работа на две лаборатории“, рече Царовска.
Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, е горд на постигнатите резултати на Факултетот.
– Добиените акредитации на нашите студиски програми го потврдуваат високиот квалитет на образовниот процес на ФЕИТ. Извештајот од меѓународните експерти покажа дека структурата на студиските програми и резултатите кои се постигнуваат (знаење, вештини и компетенции на студентите), расположливите ресурси на ФЕИТ, релациите со општеството и механизмите за обезбедување квалитет се на ниво на европските високо-образовни институции.
Со ова, нашите студиски програми и официјално се препознаени во европскиот образовен простор, што значи и поголеми можности за нашите студенти. Извештајот има и одредени препораки и сугестии за подобрување на образовниот процес, што секако во наредниот период ќе ги имплементираме. Тој претставува потврда и за нашата високо-образовна институција, но и за Универзитетот и за другите државни органи, дека само со работа, вложување и со квалитет ќе бидеме препознаени и признаени во светот. Се надевам дека поддршката од Министерството за образование и наука, како во изминатите две-три години, ќе продолжи и во наредниот период за градење квалитетно и одржливо општество“, рече Ташковски по средбата со министерката Царовска.
Министерката потврди дека овој тип поддршка ќе продолжи и во иднина, затоа што, како што рече, на сите нам ни е јасно колку значи вложувањето во развој на применета наука и кои се придобивките од сето тоа.
„Секако, тука ќе го споменам и бизнис секторот кој исто така ја подигнува свеста за важноста на науката и во последно време ги интензивира конекциите со високообразовните и научните установи“, додаде Царовска, нагласувајќи дека сите имаме заедничка цел – општеството да напредува и да стане конкурентно по наука, знаење и иновации на меѓународниот простор.